„Зелената арка“ на 5 октомври (сабота) од 14 часот повикува на целодневен настан за прослава на петгодишнината од основањето на Општествената градина „Бостание“.
„За да ги одбележиме петте години од почетокот на здруженото градинарство во Скопје, во Општествената градина ‘Бостание’ ќе се одржи отворен настан за јавноста со програма што вклучува образовни и забавни активности, наменети за сите возрасти. Настанот ќе започне од 14 часот и ќе трае до вечерните часови, со активности како работилници, готвење, прошетка и музичка програма“, соопштуваат од „Зелената арка“.
Според најавата, од 14 до 15 часот ќе има работилници за деца, со изработки на семенски топчиња, страшило за птици и читање градинарски приказни.
Потоа, од 15 до 18:30 часот ќе следува прошетка за претставување на градината, но и работилници за перма-модели во урбаното градинарство, за полезни микроорганизми, за собирање, сушење и складирање на семето, но и за природна козметика, сапун и тинктури.
„Во текот на целиот настан, од 15 до 18 часот, ќе се организира подготовка на храна со плодови од градината“, велат од „Зелената арка“.
Музичката програма е предвидена да почне нешто после 15 часот со диџеј Марсо, а потоа ќе има и свирка на „Културно уметнички работници“, за на крај вечерта за заврши со диџеј Ишџан Твин.
„Настанот е отворен за сите, кои се заинтересирани да ја посетат градината, да научат нешто за здруженото градинарство, да учествуваат во работилниците или едноставно да уживаат во добрата музика и градината. Ве каниме да ни се придружите и заедно да ја одбележиме оваа значајна годишнина!“, се вели во соопштението на „Зелената арка“.
Локацијата на „Бостание“ може да ја видите ТУКА.