Во исчекувања на првиот рок за исполнување над 100 барања до крајот на годинава, #ЗеленФронт на здружени над 35 граѓански движења, иницијативи, организира втор протестен марш, во петок (20 декември).
Еко-активистите потенцираат дека времето и маршутата остануваат исти од претходниот марш. Во 17 часот граѓаните се собираат пред Министерството за животна средина, а крајната цел – пред Влада.
„Остануваме на улиците за да ги потсетиме на нашите барања, затоа што ова е прашање на живот или смрт, кое не смее да чека повеќе ниту момент“, соопштуваат еко активистите.
Потенцираат дека борба е за живот од ден на ден, а илјадници годинишно умираат од загаден воздух.
„Мутираме, пренесуваме на поколенијата болести поради сеопфатната загаденост во која живееме, во која се раѓаат нашите деца. Белите дробови ни се зацрнети, иако не сме сите пушачи. Живееме во време на еколошка катастрофа. Се бориме за својот живот низ цела држава, против каменоломите над нашите глави чија прашина нè гуши, постојаните експлозии ни ги ронат домовите, против рудниците чии вековни отрови ќе останат да стојат над нашите земјоделски полиња, домови, против малите хидроцентрали кои ни ги земаат нашите реки кои пресушуваат за нас, против уништувањето на единственото светско природно и културно наследство кое го имаме, едно од 39-те во цел свет, против изумирање на езерата, против уништување на шумите, против депониите на секој чекор, против отровните чадови кои постојано се шират од нив, против канцерогениот дим од запалените кабли и гуми, против игнорирањето на Ромите кои живеат во пост-апокалиптични услови во нашето непосредно соседство, против зградите кои никнуваат околу нас и ни го одземаат хуманиот живот, … се бориме секој ден со сите еколошки катастрофи кои ни се случуваат во земјава“, велат еко-активистите.
Нагласуваат дека борбата е за живот, а наидуваат само на декларации за заложби. Бараме да се исполнат основните предуслови за да се покаже дека, велат од #ЗеленФронт, дека навистина животите на граѓаните значат, дека илјадници прерано починати и заболени се причина животите на граѓаните да станат приоритет на оваа држава.
„Нашите над 100 барања се тие предуслови со кои власта ќе покаже дека навистина сме приоритет, ние, нашиот живот и здравје. Ова е Марш за нашите животи низ цела земја, Скопје, Битола, Тетово, Велес, Гостивар, Струмица, Ново Село, Иловица, Штука, Струга, Охрид, Возарци, Кавадарци, Чифлик, Демир Капија, Жировница, Лабуништа, Шлегово, Пробиштип…. Нема компромис со барањето за чист воздух! Нема изговори за непреземањето на мерки! Нема пауза во борбата за здрава животна средина! Ова е Марш за ЖИВОТ!“, се вели во соопштението за протестниот марш.
Зад протестот досега се потпишаа следниве организации, иницијативи и движења, здружени како #ЗеленФронт.
Fridays For Future Skopje, O2 Иницијатива, Не Биди Ѓубре, Скопје Смог Аларм, Билка, Мој Воздух, Битола сака чист воздух, Eco Guerilla, Здрава Котлина, Еко Долина, Охрид SOS, жители на Жировница, Скопје бара чист воздух, Е.Д.Е.Н., Грин Пауер, Levizja Nena dhe Femija/ Движење Мајкa и Дете, Младите од Иловица и Штука, Ние сме Карпош 4, ЕкоКарпош 3,2,1, Движење за чист воздух, Стоп на загадувањето, Плоштад Слобода, Го Сакам Водно, Група граѓани од Визбегово, Автокоманда сака да дише, Шепасти ентузијасти, Дејзи Фемили, Здравје пред профит во Центар, Shoqata ekologjike GvEko / Еколошко здружение ГвЕко / Ekoloji dernegi GvEko, AVAJA, Екоскоп, ЕД Тисовец, Struganët për Strugën/ Стружани за Струга, Еко Чифлик, Анима Мунди, Young Friends of the Earth Macedonia.