„Гаџун – крал на лековите и лек за кралевите“ е името на една од трите „зелени идеи“, победници на натпреварот на Здружението „АРНО“ за бизниси со економска логика, позитивно влијание врз природата, заедницата и со елемент на иновација.
Идејата за „гаџунот“ е на Кристина Тодорова, која за Радио МОФ вели дека се работи за иновативен производ добиен од културите од каде самата потекнува – Повардарието. Комбинација од природата и македонската традиција.
„Гаџун е спој, екстракт од печурката Дабова сјајница – Реши (Ganoderma lucidum) и од маџун, кој во Тиквешието се произведува од најдоброто грозје. Производот ќе биде ‘се’ во едно’ – и храна, и лек. Исто така, покрај хранливата вредност од грозјето, на ‘гаџунот’ му се дава и лековитото својство на Реши, природен извор на германиум 132. Тоа е силен оксиданс што го зајакнува имунитетот, а има антиканцерогено дејство“, објаснува неготинката Тодорова.
Со идејата, доколку биде регионално призната, планираат да направат инкубатор за габи од отворен тип, кој покрај производството ќе функционира и како едукативен центар. Таму би се вршела обука на заинтересирани лица што сакаат да производуваат печурки во своите домови.
„Без разлика на етничката припадност и социјалниот статус, лицата би добиле обука, практични совети за одгледување, берба и преработка на екстракт од лековитата габа. Исто така, ангажирани ќе бидат социјално загрозени лица, па по обуките во тренинг центарот – да заработуваат сами“, нагласува Тодорова.
По процесот, истрошениот супстракт од габите на крајот ќе се исуши и користи како огрев. Додека пластичните кеси, вели таа, ќе се вратат во фабриката каде се купени за да се рециклираат, пак да се произведат кеси.
„Маџунот ќе го откупуваме од локални производители, од Дисан, каде не се прска многу грозјето. Кога ќе ги добиме производите ќе го правиме спојот на печурките и маџунот – ‘гаџунот’. Придобивки има повеќе. Производот е поевтин за разлика од апчињата ‘Германиум 132’ што се продаваат по аптеки. Истовремено храна и лек, за помалку пари“, напоменува Тодорова.
Во однос на натпреварот за „зелени идеи“, објаснува дека на 5 јули вклучени биле 11 финалисти. Меѓу нив се натпреваруваа и идеи за редизајн на велосипеди, мобилна апликација – игра за мапирање на отпад, природен сапун од козјо млеко, иновација во системот за наводнување – Dropsaver, брендирани млади органски салати, продавничка за рефус производи, пчеларска кооператива за органски мед и восок, услуги за боење облека со природни бои.
„Од нив, избрани се три од Скопје, Неготино и Крива Паланка. Трите девојки-победнички 18 до 21 јули одиме на регионален натпревар во Маврово, заедно со државите од Балканот. Од секоја држава има по неколку претставници, победници на локално ниво“, објаснува Тодорова, која во Маврово ќе биде во конкуренција за награда од 10.000 долари за да ја реализира идејата.
Инаку, Кристина Тодорова е претставник од „Ековита“, невладина организација од Неготино за заштита и одржливо искористување на животната средина.
Бојан Шашевски