„АРНО“ ги прогласи победниците од десеттото издание на натпреварот „Зелени идеи“ кои продолжуваат со натпреварување на регионално ниво во септември во Сараево, БиХ.
Жири комисијата на натпреварот, во категоријата зелени идеи ги избра идеите „ Урбана фарма во контејнер за производство на микрозелени со аеропонски систем на одгледување “ на Снежана Јаќовска -Интеллигент Индоор Фарм ДООЕЛ Скопје и „BIOHIDE – One SCOBY at a time“ на Ангелина Серафимовска од ЛеатхерандХиде, додека за ембрионска победничка идеја беше избрана идејата на Трајче Рушев „Mobi Stove, мобилен шпорет за готвење во природа “.
Годинава, како што велат од „АРНО“, во победничките идеи доминира зелената димензија за зачувување на ресурсите и животната средина, и видливиот степен на иновација.
„Годинава малку бевме загрижени за содржината на апликациите кога ги читавме, но сите кои презентираа денес беа одлични – презентациите беа со добра естетика, со одличен тек, со лични приказни, самото жири беше изненадено. Ќе размислиме за следна година, за нов формат на апликацијата, изгледа досадно е веќе текстуален формулар. Тематски во 2024-та забележуваме доста силна зелена компонента, има некоја свест изградена повеќе. Секако, сите идеи имаа и социјална димензија и бизнис модел. Ние како организација сакаме да порачаме да се става акцент и на социјалното претприемништво, на работна интеграција, на локалната заедница. Толку малку луѓе останавме во земјата, што сите приказни се веќе лични, и тоа треба повеќе да се раскажува“, изјави Ирина Јаневска од „АРНО“.
„Го започнуваме процесот на производство со култивирање комбуха, која произведува целулоза како природен нус-производ. Оваа целулоза потоа се преработува во материјал сличен на кожа, со истата луксузна текстура и сила како традиционалната кожа. Нашата био-кожа нуди одржливо решение за еколошките и етичките проблеми поврзани со традиционалното производство на кожа, со значително помал јаглероден отпечаток и без присуство на отпадна на вода“, посочи Ангелина Серафимовска од ЛеатхерандХиде.
„Зголемувањето на побарувачката на храна и намалувањето на производството на земјоделски произведена храна, поради недостаток на обработлива земја, ги наведоа производителите да користат производство на земјоделски култури во затворени простории. Намалувањето на земјоделско производство главно се должи на намалување на плодно земјиште, неповолните климатски услови и ограничувањата на користење на природните ресурси. Одгледувањето на микрозелени и микробилки со аеропонски систем во контејнер е нов производ на македонскиот пазар“, изјави Снежана Јаќовска од Интелигент Индоор Фарм.
„Мобилниот шпорет Mobi Stove е наменет и дизајниран за готвење во природа. Како гориво користи отпадна биомаса, која се наоѓа секаде во природата. Тежок е само еден килограм и склоплив, што го прави многу едноставен и лесен за транспорт. Дизајнот дозволува и регулација на температурата, односно на оганот, со осум различни степени од најслаб до најсилен“, објасни Трајче Рушев.
Инаку, жирито кое ги оценуваше пристигнатите апликации беше во состав на експертите: Марија Ѓошева-Ковачевиќ од „Земјоделски Институт – Скопје”, Бесиана Мустафа од Стопанска комора на Северо-Западна Македонија, Робертина Брајаноска од Македонско еколошко друштво (МЕД), Велимир Лав Илиќ од ФИТР, Сања Лазаревска од ASPIRE Аccelerator и Бојана Киселовски од „Македонија 2025“.
За националните победници партнерите повторно обезбедија поддршка: бесплатна регистрација на платформата Connect2MK и менторски услуги од „Македонија 2025“, бесплатно двегодишно членство во Стопанска комора на Северо-западна Македонија. софтверски кредити од Амазон, во вредност од 5000 долари, во траење од 2 години доделни од Aspire Accelerator.
И годинава, на трите национални победници, „АРНО“ им додели промотивни пакети од еко садливи картички изработени од македонскиот зелени бизнис Визарт-поранешен победник на натпреварот.
Континуитет на „Зелените идеи“
„Зелени идеи“ е годишен натпревар кој поддржува развој на мали, локални и одржливи бизнис идеи во нашата земја и во Албанија, Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Грција Секоја година по тројца претставници од секоја од земјите се натпреваруваат на регионален натпревар. Четворицата претставници кои ќе победат на регионалниот натпревар добиваат по 5.000 или 10.000 долари за реализација на нивните идеи во своите земји.
Здружението за социјални иновации „АРНО“, деветта година по ред, го администрира националниот натпревар „Зелени идеи“ и, како што велат, се гордее што досега земјата има регионални победници и вкупна инвестиција од 95.000 долари за развој на зелени бизниси во земјата: Првата кооператива на органски потрошувачи „Наша добра земја“ (2015 год.), инцијативата за репарирање на стар мебел која прерасна во мал бизнис воден од архитектката Марта Мојсова – „СПИН“ (2016 год.), платформата за продажба на евтини оброци „Храна за сите“ (2017 година), едукација преку илузионистички еко-пораки „Грин меџик продакшн“ (2017 год), „ Био смарт ориз“ производство на ориз на одржлив начин (2019), „Challenger“ мобилна апликација која ги наградува граѓаните за сите зелени километри поминати со пешачење (2019) ,„Вајс адитив“ која произведува прехранбен адитив со преработка на комиње (2020), „О-круг“ (2021) циркуларен стартап кој од лушпи од портокал произведува еколошки есенцијални масла и освежувачи, „Инсект пилот соба“ (2022 год.) производство нa протеинска храна за миленици од инсекти и Мирјана Јосифоска која произведува дизајнерски шапки до текстилни остатоци (2023).