Зелено светло за легализација на канабисот во Германија од 1 април  

Лидерите на германската коалициска влада велат дека постигнале договор за нацрт-законот за легализирање на канабисот, решавајќи ги отворените несогласувања што го одложија процесот, со што е дадено зелено светло тој да се гласа во последната недела од февруари и стапи на сила од 1 април.

Во заедничка изјава, парламентарните групи на Социјал демократската партија (СПД) Партијата на зелените и Слободните демократи (ФДП) по последната рунда разговори рекоа дека предложената регулатива „е вистинска пресвртница за модерната политика за дроги која ја зајакнува превенцијата и го подобрува здравјето, заштитата на децата и младите“.

Законската регулатива, првично донесена минатата година од сојузниот министер за здравство Карл Лаутербах, се очекува да биде малку ревидирана за да ја земе предвид загриженоста на СПД, каде би се вклучиле и барањата за следење и известување поврзани со црниот пазар, објави германскиот Легал Трибјун.

„Се договоривме за последните детали за легализацијата на канабисот. Борбата против црниот пазар, декриминализацијата и подобрата заштита на малолетниците ќе дојде како што е најавено“, рече министерот за здравство. „Претходната политика за дроги пропадна, ова е нов почеток“.

Иако нацрт-законот во моментов ќе наложи проучување на трендовите поврзани со младите по легализацијата, со извештај што треба да се достави четири години по донесувањето, последниот договор на партиите ќе вклучува и проценка за тоа како реформата влијае на црниот пазар.

„Го поставуваме курсот за сосема поинаков пристап кон канабисот и препознавање на реалноста на животот“, рече Кристине Лутке од Слободните демократи.

Конечното гласање за нацрт-законот за легализација, што првично беше планирано за минатиот месец, на крајот беше откажано поради загриженоста на водачите на СПД.

Пратениците веќе ја одложија својата прва дебата за законодавството, која на крајот се одржа во октомври, наводно поради конфликтот во Израел и Палестина. Тие, исто така, го одбија гласањето закажано за ноември додека поддржувачите работеа на подобрувања на законот.

Сега, формално законот треба да биде усвоен од Бундестагот во неделата почнувајќи од 19 февруари. Потоа ќе биде донесен во Бундесратот на 22 март, каде поддржувачите не очекуваат нови пречки.

Инаку, во однос на корекциите на нацрт-законот, тие вклучуваа зголемување на максимумот за домашно поседување канабис, но и отстранување на можноста за затворска казна доколку некој поседува „малку над границата“.

Законодавците дополнително се согласија и за проширување на реформата, правејќи го поседувањето и домашното одгледување легално за возрасни, почнувајќи од април.

Социјалните клубови кои би дистрибуирале канабис до своите членовите би се отвориле во јули.

На крајот, планирано е да се воведе дополнителна втора мерка која ќе воспостави пилот програми за комерцијална продажба во градовите низ цела Германија. Таквото законодавство се очекува да биде обелоденето откако ќе биде доставено на разгледување до Европската комисија.