Украинскиот претседател Володимир Зеленски нареди да се евакуираат сите цивили кои живеат во делови на источниот дел од регионот Доњецк, кој уште се наоѓа под украинска контрола.
Во вчерашното доцно обраќање тој предупреди на засилување на борбените дејствија во регионот.
„Колку повеќе луѓе го напуштат регионот Доњецк сега, толку помалку луѓе руската армија ќе може да убиде“, рече Зеленски.
Регионот е мета на силни борби додека руските сили бавно напредуваат во преземањето на регионот чиј поголем дел веќе е под нивна контрола.
„Ќе ги користиме сите можности да спасиме што е можно повеќе животи и да го лимитираме рускиот терор, колку што е тоа можно“, додаде Зеленски во обраќањето.
Ова не е првпат украинските власти да побара населението да се евакуира. Се проценува дека помеѓу 200.000 и 220.000 цивили уште се наоѓаат во неокупираните зони на Доњецк.
Според соопштението за евакуација од украинската Влада, доаѓањето на зимата ќе ја влоши состојбата за локалното население, особено за децата.
„Мораат да бидат евакуирани. Не може да бидат ставени во смртна опасност во зимата без греење, струја и без можност да се загреат“, напоменаа од Министерството за реинтеграција на привремено окупираните територии.
Интервенцијата на Зеленски доаѓа откако Русија ги повика ОН и Црвениот Крст да ја истражат смртта на 50 украински воени заробеници во друг дел од регионот Доњецк, кој е под контрола на сепаратистите поддржани од руската војска.
Војниците биле убиени во неразјаснети околности во напад на затворот во Оленивка, за кој двете страни се обвинија меѓусебно.