Со седум сертифицирани мобилни станици платформата „Земи здив“ ќе го мери квалитетот на воздухот во Битола.
Мерните станици се набавени од независната глобална светска мрежа AIRLY и како што велат од „Земи здив“ се референтни уреди кои ги поседуваат сите Сертификати за квалитет и Стандард ISO EN 16450:2017.
„Сензорите на овие мерни станици мерат концентрации на ПМ1 (единствен уред во Македонија кој ја мери концентрацијата на овие честички), ПМ2,5, ПМ10, и од нив го генерираат нивото на CAQI. Покрај овие параметри тие ја мерат и температурата, воздушниот притисок и влажностa на воздухот, а податоците се графички презентирани на веб платформата на AIRLY на која може да се пристапи од секој паметен уред. Податоците се прикажуваат во реално време, а вредностите се ажурираат на секои 3 минути. Нашата заложба е инсталирање на дополнителни 13 сензори кои со постоечките 7 ќе генерираат точни интерполирани мерења и податоци за секој дел од Битола“, велат од Платформата каде членуваат 5 здруженија.
Велат дека податоците од ваквата мрежа ќе помогнат во идентификација и мапирање на загадувачите и ќе бидат основа за доставување на поднесоци до институциите кои ќе се базираат на докажливи податоци од мрежата.
„Анализата на податоците од мрежата ќе овозможи изработка на месечни и квартални Извештаи за квалитетот на воздухот, врз база на кои ќе се предлагаат конкретни мерки и ќе се следат ефектите од спроведувањето на тие мерки. Сето ова, заедно со користењето на алгоритмите за прогноза на аерозагадувањето, ќе помогне во изнаоѓањето на соодветни решенија кои треба да се применуваат при креирањето на политиките во борбата со загадаувачите и последиците од загадениот воздух . Податоците генерирани преку мрежата се од јавен карактер и ќе им бидат достапни и на овластените субјекти (Општинска власт, Инспекции за животна средина, Градоначалник, Совет на Општина Битола) кои располагаат со овластувањата да превземат соодветни мерки. Податоците од континуираното следење на квалитетот на воздухот, структурирани во месечни и годишни Извештаи ќе бидат алатка преку која граѓаните ќе можат да проценат дали се превземаат мерки за намалување на загадувањето и каква е ефективноста на мерките кои ги превземаат носителите на јавни функции“, велат од „Земи здив“.
Граѓанските организации Центар за европски развој и интеграција, СФЕРА Македонија, Геосфера, Јасмин и Младинска асоцијација ИМКА како основачи на Платформата заедно со здруженијата кои ќе иМ се приклучат ќе се грижат за одржување, развој и проширување на мрежата.