Земјава сè уште не располага со ниту еден депозитар за одземени ранливи или повредени видови животни, иако со подзаконски акт во Законот за заштита на природата тие се предвидени. Од оваа причина, надлежните институции најчесто соработуваат со Зоолошката градина во Скопје, која сепак нема услови да ги згрижи сите животни.
Проблемот со немањето вакви депозитари се актуелизираше со случајот со малите лавчиња, па Радио МОФ бараше одговори за тоа каде би се сместиле овие животни, ако бидат откриени на наша територија, односно ранливите или повредени видови животни.
Така, депозитарите треба да служат за сместување на животните кои се одземаат во случај на нивна трговија без ЦИТЕС дозвола, односно Спогодба за меѓународна трговија со загрозени видови на дива фауна и флора, како и сертификат. За спроведување на меѓународната спогодба е надлежно Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).
Оттаму за Радио МОФ објаснуваат дека од досегашната пракса, животните се пренесуваат на чување во Зоолошката градина, односно дека тоа е предвидено со уредба. Но, портпаролката на ЗОО Скопје, Тина Мицковска објаснува дека сепак, овој процес го прават доброволно во соработка со институциите, додавајќи дека не е законски уредено.
„Досега имаме супер соработка со МЖСП, Инспекторат за животна средина, АХВ и царина. Низ текот на годините овде се носеле запленети папагали, рептили, желки, срни, птици, но немало поголеми животни од типот на големи мачки за кои е навистина проблем да најдеме соодветни живеалишта“, објаснува Мицковска.
Претходно месецов едно лице беше приведено поради сомнение за кривично дело „неовластено ловење, чување и отуѓување на диви животни“, а поврзано со фотографиите со мали лавчиња кои се ширеа на социјалните мрежи. Министерството за внатрешни работи и по три недели не одговори на прашањата на Радио МОФ, дали се работело за едно или повеќе лавчиња, но и каде моментално се наоѓаат.
Мицковска во меѓувреме објаснува дека сè уште не добиле официјални информации за случајот. Доколку се пронајдат единките, таа е децидна дека нив би им се помогнало да добијат, како што вели, најдобар живот и да бидат преземени од светските организации за заштита на животните, а не да завршат во зоолошка градина.
ЗОО Скопје нема капацитет за сите животни
Иако е пракса зоолошката градина да ги презема ранливите и повредени животни, портпаролката објаснува дека тие немаат услови да ги згрижат сите животни. Истакнува дека, на пример, низ државата има голем број мечки кои треба да имаат соодветно сместување, но дека тука нема капацитет, односно дека за нив е потребен голем простор и услови како во парковите на „Four Paw“ во Белица, Бугарија и Косово.
„Секогаш кога сме во можност згрижуваме животни и птици и во соработка со Македонското еколошко друштво. Во Националните паркови има дел вработени кои се големи љубители на животни и имаат желба да направат нешто во рамки на парковите. Сметам дека Маврово, Галичица, Јасен, Шар Планина треба да направат депозитари и оградени големи простори каде што животните би биле безбедни, но и би уживале во слободата“, посочува Мицковска.
ЗОО Скопје заедно со МЖСПП и Инспекторатот имаат иста желба, објаснува таа, односно државата да добие прв Спасувачки центар за диви животни.
„Тоа го посакуваат и сите активисти за заштита на животните, затоа што ние барем на терен сме запознаени дека во Македонија во заробеништво по приватни имоти се чуваат диви животни во несоодветни услови, но и во нелегален лов се повредуваат и убиваат многу мечки, волци, срни, а подмладокот често се продава и на сајтовите со огласи“, вели таа.
Од организацијата за заштита на животните „Анима Мунди“ за Радио МОФ објаснуваат дека се согласни за потребата од создавање на депозитари, за кои велат дека како организација укажуваат и бараат веќе 10 години.
„Ние тоа го викаме центар за рехабилитација и ресоцијализација на животните каде тие би биле времено, додека не се вратат во природа, доколку е изводливо, или пак препратат во специјализирани центри за рехабилитација на диви животни во други држави, пример има во Грција и во Косово, за заштита на мечки, и секаде во ЕУ за друг вид диви животни. Тоа се центри каде животните можат да бидат стационирани без притоа да се загрозува нивната благосостојба и интервентно би им се помогнало, а притоа би се добило време да за нив се најде најсоодветно решение, доколку не можат повторно да бидат вратени во природа“, велат од „Анима Мунди“.
Тука, во голем број случаи, активистите велат дека се комплетно немоќни да помогнат, бидејќи помошта е институционално оневозможена.
„Нема каде да се стационира одземено или повредено животно, значи ако се одземе нема каде да се смести , може да го убијат – а би не казниле ако постапуваме и на своја рака стационираме животно. Сепак сакаме јавно да ги пофалиме Државниот инспекторат за шумарство и ловство, комуникацијата со инспектор Зоран Вуиќ, благодарение на чија ажурност, посветеност, хуманост пред се сме успеале ‘во од’, а често пати и со импровизации, да помогнеме и спасиме повеќе диви животни“, додаваат тие.
Во новиот Закон за природа, како што велат од Министерството за животна средина, ќе се даде правен основ за изработка и донесување на посебен Закон за регулирање на трговија со диви растителни и животински видови, нивни делови и деривати. Овој процес е поврзан со имплементацијата на ЦИТЕС и Регулативата 338/97 на Европската унија за заштита на видовите дива фауна и флора преку регулирање на трговијата со нив. Истовремено пак, тие најавуваат дека воспоставувањето на депозитари ќе биде детално регулирано преку изработка на подзаконски акти.
Оваа година тие истакнуваат дека е изработена и Студија за изводливост за воспоставување на Центар за згрижување на повредени и запленети диви животни во РСМ.
„Студијата ги дефинира мисијата, целите и задачите на идниот Центар за згрижување повредени и запленети диви животни, дава преглед на моменталните состојби во државата во однос на потреби, празнини и проблеми со кои земјата се соочува, ја анализира правната рамка со која се регулира проблематиката, дава краток приказ на искуствата во со слични центри во соседните држави“, додаваат тие.
Со неа пак, меѓудругото се анализираат и алтернативни решенија за воспоставување на центарот, како и можни локации и субјекти кои би можеле да се бават со оваа дејност.
Мартин Колоски