Како да се мотивираат младите да се занимаваат со земјоделство, како да се зголеми нивниот ангажман во земјоделството како клучен дел од агендата за развој и што им е неопходно. Ова беа дел од прашањата на кои дебатираа триесеттина претставници на институции, здруженија и поединци што се занимаваат со земјоделство, полјоделство, лозарство и овоштарство, пчеларство.
Темата на последната дебата поттикната од Европскиот зелен договор беше „Здрава, безбедна и достапна храна“, инспирирана од изложбата „Розeви тигри и златни гуштери и што уште не“ што се одржа во резиденцијата на Европската Унија во Скопје, информираат од „Europe House“.
Младиот Ванчо Андонов од Струмица е дипломиран програмер кој пред една и пол година го напуштил ИТ-секторот и целосно се посветил на дотогашното хоби – пчеларството.
„Дотогаш работата ми беше врзана со компјутер. Се случуваше да завршам со работа, да направам мала пауза, па да продолжам уште неколку часа работејќи на друг проект. Пчеларството прво беше релаксација, да излезам во природа. Сега ми е главна дејност. Произведувам мед, матичен млеч и други производи. Пчеларството е многу подоходовна гранка од земјоделските производи зашто медот не се расипува. Тоа е огромна предност и за одржување на цената на производите“, објаснува Андонов.
Младата Магдалена Јанчова од виничкото село Грљани посочи дека нејзиното семејство произведува мед и други производи од пчели, продукти од козјо млеко, а се занимаваат и со хортикултура. Јанчова е магистер по фармација и се наоѓа на крстопат дали да продолжи со оваа професија или целосно да му се посвети на семејниот бизнис.
„Ми се останува на село, да продолжам со она во што моето семејство го вложи сиот свој живот. Но, треба да сме свесни дека условите се различни во секое место. Некаде има, некаде нема инфраструктура. Има села со многу лоши услови за живот, без вода, со нестабилна струја. Новите машини не поддржуваат слаба струја и се неупотребливи. Овие нешта државата мора да ги среди, не зависат ниту од младите ниту од земјоделците “, рече Јанчова.
Таа апелираше до институциите да им овозможат на младите подобри услови за тие да сакаат да останат на село. Нејзиното семејство, таа вели дека обработува и ниви на други луѓе, а бидејќи немаат земјиште на свое име, не можат да користат субвенции од државата.
Директор на Агенцијата за финансниска поддршка во земјоделството и руралниот развој Никица Бачовски објасни дека со договор за закуп на земјиште граѓаните може да се пријават за субвенции. Бачовски вели дека во последните три години за три пати се зголемени субвенциите за одгледување пчели.
„Секоја година доделуваме грантови за млади земјоделци од 10 до 20 илјади евра. Ние сме мала држава, но 65 отсто од хранатa во светот ја произведуваат малите земјоделци. Многу е важно земјоделците да се насочуваат и кон преработка на своите производи, од млеко – сирење, од грозје – вино, бел, прочистен ориз наместо арпа“, рече Бачовски.
Сузана Димитриевска од Националната асоцијација на земјоделски задруги истакна дека повеќето граѓани имаат роднини на село од кои купуваат производи, верувајќи дека се здрави, но посочи дека не секој производ, произведен на село значи дека е од органско потекло. Дополнително, Димитриевска вели дека затоа треба да се работи повеќе на истакнување на органските производи и на пазарите и во маркетите.
„Здружувањето на фармерите во задруги е многу важно бидејќи така може да користат фондови од ЕУ и од државата. Неопходен ни е и високообразовен кадар. Најважни, сепак, се младите. Не да работат на нивите, туку да се вклучат во развој на земјоделството“, рече Димитриевска.
Виктор Ѓамовски од Земјоделскиот институт изнесе интересни податоци на дебатата истакна дека просечната старосна структура на земјоделците во државава е 58 години. Тој посочи дека доколку порано на Земјоделскиот факултет се запишувале по 400 студенти годишно, денес има 80.
„Пак немаме производители. Треба да се работи на свеста на младите уште во градинка. Зошто да не поминат еден ден на селска фарма, да го видат производството? Ние мора да им понудиме инфраструктура на младите во руралните подрачја, не можеме да очекуваме да им дадеме нива и субвенции, а да не им овозможиме задоволување на основните потреби на еден млад човек. Многу млади од урбаните средини романтично го доживуваат земјоделството – ставаш каубојски шешир и јаваш во преријата. Не е така. На свеста кај младите треба да се работи системски, не стихијно“, дециден е Ѓамовски.