Од Иницијативата „Зелен хуман град“ (ЗГХ) упатија реакција во која велат дека Цементарница УСЈЕ е дел од загадувачката индустрија во Македонија што согорува отпад како „алтернативно гориво“.
„Неодамна медиумите беа преплавени со апологиите на лобисти од индустријата кои бараат укинување на забраната за увоз на отпад за горење, зашто тоа било единствениот начин за да станат поконкурентни на пазарот“, велат од ЗХГ.
Од таму посочуваат дека ЗГХ со години повторува за тоа дека индустријата во Македонија е крајно неконтролирана и дека не постојат прецизни и објективни податоци за степенот на аерозагадување што го предизвикува.
Тие истакнуваат дека таквите тврдења се потврдиле со последниот „инспекциски надзор“ над УСЈЕ.
„Во обид да ја покажат својата „транспарентност“ и „посветеност“, Министерството за животна средина и просторно планирање и Државниот инспекторат за животна срединац деновиве објавија низа документи и информации во врска со инспекцискиот надзор спроведен над УСЈЕ во периоди на високо аерозагадување.
Тие документи и информации уште повеќе ги продлабочија сомнежите и ја разоткрија трулоста на системот кој ревносно ги штити големите загадувачи за сметка на јавното здравје“, сметаат од ЗГХ.
Од ЗГХ посочуваат дека здружението ја воочило следната состојба по направена анализа на сите јавно достапни документи и информации:
„-Вонредниот инспекциски надзор над УСЈЕ беше најавен.
– Со отпочнувањето прекршочна наместо кривична постапка, инспекторот од Државниот инспекторат за животна средина потенцијално спречил кривичен прогон на УСЈЕ во склад со начелото Ne bis in idem.
– Инспекторите мереле емисии на само 3 од вкупно 12 оџаци во УСЈЕ. Според закон и А-интегрираната дозвола, тие се обврзани да ги мерат емисиите од сите 12 оџаци.
– Според А-дозволата, од 12 оџаци, обврската е континуирано (секојдневно) да се мерат емисии на 10 оџаци (2 ротирачки печки, 2 ладилника за клинкер, 4 мелници за цемент и 2 мелници за цврсто гориво), а двапати годишно да се мерат емисиите на 2 оџака (1 парен котел на мазут и 1 парен котел на гас).
– Никаде не се јавно достапни дневните извештаи од континуирано мерење на 10 оџаци во УСЈЕ, што повторно е неисполнета обврска од дозволата.
– Никаде не се јавно објавени резултатите од 24-часовното мерење на ПМ10 честици во кругот на фабриката што се реализирало за време на вонредниот надзор.
– Во објавениот извештај од мерењата спроведени од лабораторијата ЕУРОМАК- КОНТРОЛ недостасува табела со број 7.2.6. Дали таа ги содржи податоците со мерењата на ПМ10 честиците и намерно е испуштена?
– Во извештајот од ротирачката печка бр. 3 од автоматски мониторинг на 28 декември 2022 г. недостасуваат податоци за дури 10 часа, а според Правилникот за методологијата, начините, постапките, методите и средствата за мерење на емисиите од стационарните извори, член 15 став (2) Вредностите од мерењата на
автоматскиот систем ќе се оценуваат врз основа на правилото според кое најмалку две третини од вредностите треба да бидат валидизирани за да се смета мерењето како веродостојно“, велат од таму.
ОД ЗГХ посочуваат дека, според нив, во записниците и извештаите од мерењата се забележани огромни пропусти.
„УСЈЕ до Државниот инспекторат за животна средина доставува месечни извештаи. Во тие извештаи не може да се видат аномалиите кои се видливи во дневните извештаи. За да бидат веродостојни дневните мерења, во 24 часа мора да постојат податоци од мерења за минимум 16 часа. Ако не постојат мерења за минимум 16 часа, мерењата од тој ден се сметаат за невалидни. За да бидат веродостојни месечните мерења, не смее повеќе од 10 дена да има невалидни мерења“, велат од здружението.
Од ЗГХ инсистираат Државниот инспекторат за животна средина и Министерството за животна средина и просторно планирање да одговорат на жителите на Скопје колку години и УСЈЕ и останати индустриски капацитети се толерирани и никој не покренал кривични постапки иако биле забележани огромни недостатоци во мерењата.
„Министерот за животна средина и просторно планирање во своето последно гостување во Дневникот на Сител покажа загрижувачко непознавање на состојбите – не знаеше дека вонредниот надзор во УСЈЕ бил најавен; не знае дека и сега има обврска да ги објавува јавно податоците од континуираните мерења, а не да чека нов Закон за индустриски емисии; не знае дека министерството кое го води прво има должност да ги отпочнува кривичните постапки против загадувачи“, истакнуваат од ЗГХ.
Од Здружението потсетуваат и дека директорот на Државниот инспекторат за животна средина на 5 јануари, ден по спроведениот најавен надзор на УСЈЕ, изјави дека фабриките не загадуваат, туку домаќинствата.
Град Скопје најави кривична пријава против Цементарница Усје за загадување на воздухот