Зголемената репресија и насилност против граѓанските протести од страна на авторитарните лидери и воените режими ширум светот се знак на нивниот очај и губење на моќ, велат од „Хјуман рајтс воч“ во годишниот извештај за човековите права ширум светот, пренесува „Гардијан“.
Во својот извештај за светот, организацијата за човекови права истакнува дека автократските лидери се соочиле со отпор во 2021, а милиони лица ги ризикувале своите животи и излегле на улиците за да се спротивстават на режимите и да побараат демократија.
Од организацијата дополнуваат дека се случило опозициските партии да ги занемарат политичките разлики и да се здружат во обид да ги отфрлат корумпираните или репресирачките влади или лидери, што е уште еден од трендовите кон слабеење на автократското владеење.
Како примери за неочекувани опозициски коалиции од организацијата ги посочуваат Чешка и Израел. Во Чешка, премиерот Андреј Бабиш беше оттргнат од власт, а во Израел отстранет беше премиерот Бенџамин Нетанјаху по дванаесетгодишно владеење. Големи опозициски соединувања биле забележани во Унгарија, за да се симне од власт Виктор Орбан, како и во Турција против претседателот Ердоган за следните избори.
Во свој есеј со осврт кон годишниот извештај на „Хјуман рајтс воч“, кој ја анализира ситуацијата во земјите ширум светот, директорот на организацијата, Кенет Рот, вели дека зголемената репресија и изборните измами во земјите како Русија и Никарагва треба да се набљудуваат како знак на слабост, а не на сила.
„Постои наратив кои автократите го следат и демократијата попушта, но доколку ги анализирате трендовите на човековите права во последните 12 месеци ситуацијата воопшто не е розова ниту за автократите. Постои јавна поддршка за демократијата од страна на луѓето кои излегуваат на улиците во Кина, Уганда, Полска, Мјанмар, кои неретко ги ризикуваат своите животи. Во овие земји репресивните режими се борат да ја воспостават својата контрола. Со зголемените чинови на насилство и репресирачки акции на режимите ширум светот, се чини дека тие се засилуваат, но ние нив ги сметаме за чинови на очај“, пишува Рот.
Додека во 2021 на власт дојдоа вооружените групи во Мјанмар и Авганистан, Рот вели дека тие не го нормализирале нивното владеење и не ги потчиниле граѓаните.
„Додека го гледаме крвопролевањето на улиците, ние исто така гледаме како милиони лица го отфрлаат игнорирањето на нивните човекови права, но и неуспешните обиди на автократските лидери да ја добијат граѓанската послушност преку напади врз ЛГБТИ+ заедниците, абортусот и женските права“, пишува Рот.
Сепак, тој додава дека демократијата ќе потфрли без посилно лидерство од демократските влади, кои се фокусирале на краткорочни политички придобивки за време на 2021 година и потфрлиле да ги адресираат најитните проблеми како климатските промени, нееднаквоста, расната неправда и сиромаштијата.
„Хјуман Рајтс Воч“ вели дека и покрај алармирачкиот рекорд на случаи каде се прекршени човековите права, САД и понатаму праќа војска во земји како Египет, Саудиска Арабија и ОАЕ. Организацијата посочува и кон непрекинатите обиди на ЕУ да постигне договори за инвестиции со Кина, и покрај наводното државно користење на Ујгурите како работна сила.
„Промовирањето на демократијата значи залагање за демократските институции како независно правосудство, слободни медиуми, робустни парламенти и живи граѓански општества дури и кога тоа носи несакана контрола или предизвици за извршните политики“, пишува Рот.