Шесте нови еколошки автобуси кои се донација од Европската унија за Градот Скопје, речиси еден месец откако беа промовирани и претставени на јавноста пред бројни политичари и медиуми, останаа паркирани во депото на Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје (ЈСП), пишува Новинската агенција Мета. За тоа, според ЈСП, има најмалку две причини. Првата е тоа што еден од автобусите бил заведен со погрешен број на шасија. Грешката наводно била утврдена откако ЈСП ги презело автобусите. Втората причина за доцнењето е блокираната сметка на претпријатието, што го одложило плаќањето на осигурувањето за новите возила.
„Ни беше замрзната сметката поради долг кон „Пуцко петрол“ и затоа не можевме да го платиме осигурувањето за автобусите. Моравме да ја одблокираме. Освен тоа требаше да се допреведат уште некои документи од турски јазик за хомологација. Сега само чекаме да заврши постапката за каско осигурувањето. Во вторник, на седница на совет на град Скопје, како седма точка на дневен ред треба да помине Одлуката за изменување на Одлуката за пренесување на правото на сопственост на 6 автобуси“, велат од кабинетот на директорот. Оттаму додаваат дека е всушност потребно да се изгласа Одлуката во која е наведен точниот број на шасија на автобусот оти внесениот е погрешен.
„Тоа го забележавме при увозот“, ни објаснија во кабинетот на директорот Драги Кушовски.
Во ЈСП рекоа дека според очекувањата, граѓаните ќе можат да се возат во новите автобуси за десетина дена.
Инаку, промоцијата на новите автобуси на метан се одржа на 26 ноември во седиштето на ЈСП – Скопје каде покрај евроамбасадор Михалис Рокас, присутвуваа и градоначалничката Данела Арсовска, вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити и претставничка на УНОПС во земјата, Микела Телатин. На настанот имаше десетици новинари и сниматели.
Донираните еко-автобуси се произведени во Турција. За нив има гаранција две години, а одговорните тврдат дека кај нас има фирма во која би се вршел сервис и која би обезбедила резервни делови ако за тоа има потреба. Автобусите возат на метан и имаат автоматски менувач. Од ЈСП велат дека на возачите нема да им биде потребна обука околу управувањето со нив.
Оваа донацијата дојде непосредно по расправијата меѓу Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ, кога градот доживеа колапс на јавниот транспорт. Поради поништување на тендерот за набавка на нафта, сите автобуси на ЈСП престанаа да сообраќаат, што предизвика хаос на скопските улици. Автобуските станици беа преполни со патници, улиците блокирани од возила. Потоа, следуваше владина одлука со која му се овозможи на градот Скопје да користи нафта од државните резерви. Еден ден потоа, граѓаните на Шуто Оризари протестираа пред градските бараки, бидејќи 730 дена немаат никаков јавен превоз во нивната општина.
Јавниот транспорт во Скопје се поднови со шест еколошки автобуси донирани од Европската Унија