Второстепената комисија за управни постапки ја отфрлила жалбата на компанијата Кепс Монт Груп која се жалеше што не доби Б- интегрирана дозвола од Општината Велес за да може да воведе уште две дејности во расчистувањето на депонијата со згура од некогашната топилница за олово и цинк. Компанијата, која има концесија да ја ископа и извезе згурата како техногена минерална суровина, поседуваше Б-интегрирана дозвола која и дозволуваше ископ, сеење и товарење, а откако таа истече минатата година во ноември, бараше во новата да се додадат и дробење и мелење на згурата, како подготовка за нејзин извоз и преработка, пишува новинската агенција Мета.
Општината Велес не му издаде Б-интегрирана дозвола на концесионерот „Кепс Монт груп“, со образложение дека отпадот во депонијата од топилницата не го третира како историска жешка точка, туку како техногена минерална суровина. Во решението општинарите навеле дека го отфрлаат барањето на компанијата за продолжување на дозволата, бидејќи постоеле опасности, заради начинот на кој се предлага да се работи на депонијата, да се предизвикаат штетни последици по здравјето на жителите на градот.
Градоначалникот на Велес, Марко Колев вели дека решението од Комисијата го добиле на почеткот на месецот, а потоа и го испратиле до концесионерот Кепс Монт Груп. Посочува дека е задоволен од одлуката бидејќи таа го потврдува тоа што и општинските власти го тврделе, дека со воведувањето на двете дополнителни дејности постои опаснот од зголемено загадување на животната средина.
„Се надеваме дека концесионерот ќе се одлучи да го врати процесот назад и да побара нова Б-интегрирана дозвола со дејностите кои веќе му беа дозволени за да може да почне да ја расчистува депонијата. Згурата веќе одамна требаше да почне да се чисти, бидејќи нашата крајна цел е таа веќе да не претставува опасност за жителите на Велес“, вели Колев.
Тој посочува дека има намера да разговара со Министерството за економија и со новоформираното за енергетика, околу иницијативата за третман на згурата како опасен отпад, а не како техногена минерална суровина, бидејќи на тој начин ќе се создадат побезбедни услови за расчистување на историскиот отпад.
Концесионерот Кепс Монт Груп откако ќе го добие решението ќе има рок од 30 дена да се жали на одлуката на Второстепената комисија и да поведе управен спор пред Управниот суд. Претходно, во жалбата до Комисијата тие напишаа дека се оштетени од локалната власт бидејќи не им доделиле дозвола, заради тоа што компанијата не е таа што одлучува дали згурата ќе се третира како историска жешка точка или како техногена минерална суровина, туку дека тоа се институциите во државата, кои им доделиле концесија што се уште е валидна. Во меѓувреме, додека не ја комплетира документацијата, Кепс Монт Груп нема да може да работи на терен, да ископува или да извезува од згурата.
Во меѓувреме, додека да се отплетка институционалниот чвор, депонијата со згура останува да му се заканува на градот и неговите жители. Се претпоставува дека тука има околу два милиони тони троска, која содржи околу 10 проценти цинк, еден процент олово како и други опасни метали како кадмиум, бакар, арсен, индиум, талиум. Нивното влијание врз околината и здравјето на луѓето е огромно, што се докажа и од испитувањата на Министерството за здравство кои докажаа загадување со тешки метали, пред сѐ олово и кадмиум, во почвата во радиус од дваесетина километри, во кои има и ниви на кои се одгледува храна. Зеленчукот што го консумираат велешани содржи 1,5 пати поголема концентрација олово од дозволената и 2,5 пати поголема концентрација кадмиум, а најзагаден е лиснатиот зеленчук.