Жан Павлов најдобар на првото Државно квиз првенство на Македонија

Македонската квиз асоцијација (МКА) викендов во едукативниот културен центар „Лабораториум“ во Скопје го организираше првото Државно квиз првенство на Македонија. Првенството се одржа во две категории индивидуално и во двојки.

На првенството учествуваа натпреварувачи од повеќе градови од Македонија, а најдобар во поединечна конкуренција беше Жан Павлов кој ја освои титулата прв квиз-шампион на Македонија со освоени 115 поени, пред Илија Стевков со 111 и Бари Исени со 109 поени.

Автор на квизот беше Небојша Ангелов кој согласно стандардите на Светската Квиз Асоцијација подготви 200 прашања, по 25 во секоја од официјалните категории (Култура, Спорт, Животен Стил, Наука, Медиуми, Историја, Забава и Свет).

Во натпреварувањето во двојки, по квалификациите, најдобрите 8 парови се пласираа во финалето во кое најуспешни беа Филип Гогу и Ален Калач со вкупно освоени 121 поен, пред Бари Исени и Жорж Димовски со 108 и Александар Боцески и Стефан Стошиќ со 101 поен.  Автор на квизот беше Жан Павлов кој подготви 160 прашања во квалификациите и 40 прашања во финалето.

Со првенството започна новата натпреварувачка сезона на МКА во која ќе има уште 9 тематски и 3 мастерс квизови, а која ќе кулминира со светското првенство во јуни 2025 година.

Од МКА ги канат сите заинтересирани на учество во натпреварите и членство во асоцијацијата која организира мноштво квиз настани во текот на целата година и низ разни градови низ земјата.

Информации за државното квиз првенство на Македонија за 2024 година и активностите на МКА може да најдете и на фејсбук страницата на Македонската Квиз Асоцијација.