Добитник на „Златен венец“ за 2024 година, главната награда на „Струшките вечери на поезијата“, е истакнатиот француски поет, Жан Пјер Симеон, соопштија од Управниот одбор на манифестацијата денес на свечениот настан во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).
„Жан Пјер Симеон е ценет поет, со широк распон на својот творечки потенцијал, реализиран во неколку жанровски подрачја. Тој e сестран автор, комплексна творечка фигура и поливалентна личност: интелектуалец, ерудит, поет, уредник, есеист, прозаист, драмски автор, хуманист. Поезијата на Симеон, зад себе го има благородниот контекст и драгоцената закрила, на една богата поетска традиција, каква што е француската, којашто ја краси возвишениот парнасовски идеал на песната – како суверено кралство, во кое живее и опстојува власта на Љубовта и Убавината. Во песните на Симеон од почетниот период одѕвонува една самосвојна дидактика на Љубовта – а која стреми и досега отаде (похотливата и голосетилна) еротика ‘на прва рака’“, потенцира проф. д-р Елизабета Шелева, претседател на Управниот одбор во образложението на одлуката.
Поетот, драматург и есеист, Жан-Пјер Симеон е роден 1950 година во Париз. Како професор по модерна книжевност, тој објавил повеќе збирки поезија, романи, книги за деца и театарски пиеси. Тој е иницијатор на „Неделата на поезијата“ во Клермон-Феран во 1986 година. Од 2001 до 2017 година бил уметнички директор на „Пролетта на поетите“. Од 2001 до 2019 година бил придружен поет на Националниот народен театар во Вилербан. Тој е претседател на жирито за доделување на наградата Аполинер. Во моментов е директор на колекцијата Поезија во Галимар.
„Се осмелив пред неколку години да напишам есеј под наслов ‘Поезијата ќе го спаси светот’. Таа безусловна афирмација од насловот им се чинеше дека е смешна на многумина на земјината топка кои веруваат дека Поезијата е само еден шармантен орнамент, една јазична игра која може да ги интересира само неколкумина остроумни лингвисти. Меѓутоа, јас сум цврсто определен да мислам дека највозвишената Поезија, од видот на она пеење што е отелотворено во поетските опуси на венценосците од Струга, во оваа земја Македонија, што ги овенча бесмртните поети од многу меридијани- е израз на една меморијална и универзална визија, која единствено може да и даде смисла на човечката авантура во овој безмилосен свет. Која е таа желба, таа надеж, тој толку силен елан што е обликуван низ вековите да им се спротивставува и да ги демантира најголемите насилија на Историјата. Токмy поезијата е вистинска одбрана на Човекот и неговата вознемирена и безгранично отворена совест, која сака да го пронајде своето соодветно место, исполнето со неговата простосмртна желба по Срцето на Непознатото,за да го направи свет животот во сите негови безгранични пространства“, вели Жан Пјер Симеон во поздравното обраќање до македонската јавност.
За свето поетско творештво, Жан-Пјер Симеон е добитник на многу награди меѓу кои: наградата Морис Сев во 1981 година, наградата Антонен Арто во 1984 година, наградата Аполинер во 1994 година, наградата Макс Жакоб во 2006 година, меѓународната награда Лучијан Блага во Романија, Големата награда на Мон Сен Мишел за целокупното свое творештво, Меѓународната награда за современа поезија ( International Contemporary poetry award) во Кина во 2021 година, Големата награда за поезија на Француската академија во 2022 година. Тој е одликуван со орденот Командант од редот на уметности и литература.
Поезијата на Жан Пјер Симеон е првично приопштена на македонски јазик, благодарение на поеткиот избор „Човекот во срцето на светот“, објавен во едицијата „Плејади“ на Струшките вечери на поезијата, во 2010 година во препев на Јордан Плевнеш.
Наградата на лауреатот ќе му биде врачена на поетското читање „Мостови“, една од централните манифестации на годинешното издание на фестивалот, предвиден да се одржи од 22 до 26 август.
Добитничка на наградата „Мостови на Струга“ за 2024 година која што Струшките вечери на поезијата во соработка со УНЕСКО ја доделуваат за најдобра дебитантска збирка е германската поетеса Катрин Пиц за нејзината стихозбирка „Вакви денови имало отсекогаш“.
Катрин Пиц (родена 1989 година во Марбург) е германска писателка, преведувачка и инженер. Се стекнува со магистратура како електричен инженер од Техничкиот Универзитет во Дармштат, а работела на најразлични позиции поврзани со истражување и развој. Пишува поезија и белетристика, а преведува од шпански и норвешки на германски јазик. Во 2021 година ја добива наградата „Леонсе и Лена“ за млади поети. Нејзината прва поетска збирка „Вакви денови имало отсекогаш“ е објавена во 2022 година. Во неа, таа се соочува со својата способност да памети, да држи работи во своите раце и да ги фати за рака луѓето кои се на работ на исчезнување. Опкруженоста со технички структури кои во секој момент можат да престанат да работат или да продолжат да функционираат е уште една тема која се повторува во нејзината поезија. Тековно, таа работи на својата втора книга, за која е добитник на грант за престој во Вилнус, Литванија, од страна на Хесенскиот книжевен совет и „Хајнрих Хајне Хаус“ во Линебург.
Покрај прогласувањето на лауреатите на СВП, денес во МАНУ беше одбележан 21 март-Светскиот ден на поезијата со поетско читање во кое учествуваа истакнати поети- членови на Македонскиот П.Е.Н Центар, како и други истакнати македонски поети од различни генерации. Поетскотото послание за 2024 година го прочита истакнатата македонска писателка Оливера Ќорвезироска по што следуваше настапот на истакнати македонски поети од различни генерации.
Директорот на СВП, Тодорче Тасевски ја објави соработката на Струшките вечери на поезијата со Делегацијата на ЕУ којашто од оваа година ќе биде покровител на наградите „Енхалон“ и „Млада Струга“ преку Европска куќа труга (Europe House-Struga), најновата членка на мрежата на Европска куќа (Europe House).
Возобновената награда „Млада Струга“ ќе се доделува за необјавен поетски ракопис на млад поет или поетеса што дотогаш немаат објавено поетска збирка. Добитникот ќе биде избран по распишан конкурс, а освен паричен износ, наградата вклучува и објавување на поетската збирка како дел од изданијата на СВП и учество на Фестивалот, по урнек на поранешниот конкурс на Книжевната младина на Македонија.
Наградата „Енхалон“ се доделува за најдобра прочитана песна во рамки на „Ноќите без интерпункција“, дел од програмата на Фестивалот кадешто учествуваат претежно помлади поети.