Повеќе индустриски капацитети работат во округот на некогашната скопска „Железара“, но кога ќе проработи Макстил, темни облаци од чад се спуштаат над населбата, сведочат жителите чии домови се сместени веднаш до индустрискиот комплекс.
Тежок мирис на расипани јајца и темен чад, вака деновиве изгледаше небото над Скопје. Жителите од зградите до фабриката се револтирани од она што со години се случува во нивниот двор.
„Ова е неиздржливо, до кога ќе не трујат вака“, прашува жителка чиј стан гледа во оџаците на комплексот.
Обемна студија за тоа како загадува Макстил во Управата за животна средина засега нема, ниту пак потврда за загадувањето. Она што се испушта од главниот оџак на Макстил, е во рамките на дозволените граници, тврди директорот на Управата, Игор Трајковски. Сепак, појаснува тој, се додека не се постави кровната капа над комплексот во која ќе се собираат сите гасови што се испуштаат при топење на старото железо, нема да има целосни податоци за загадувањето што го прави Макстил.
Izjava Igor Trajkovski by Radio Mof on Mixcloud
Иако институциите не го потврдуваат загадувањето, еколозите докажаа дека има сериозен проблем. Испитувајќи ја почвата во округот на фабриката, преку проверка на нивото на тешки метали во растенијата и во црниот дроб на полжавите, дојдоа до загрижувачки резултати.
„Гасовите кои неконтролирано се испуштаат од факбриките во округот, потоа паѓаат на почвата. Тие се акумулираат во вториот почвен слој од каде што црпат растенијата хранливи материи и каде што живее полжавот. Според тоа што го откривме, почвата во Железара е сериозно загадена“, вели екологот Кирил Арсовски кој додава дека дополнително загрижува фактот што ваквото загадување наместо да се стопира, непречено продолжува.
Законот предвидува до април 2014 година сите индустриски загадувачи да извадат интегрирани еколошки дозволи со кои ќе покажат дека се преземаат мерки за спречување на загадувањето. Но 6-те најголеми субјекти, меѓу кои и Макстил во меѓувреме побараа одложување на роковите до 2019-та. Дали загадувањето ќе продолжи уште 5 години одлучува Владата која ова го најави како антикризна мерка за спас на металуршките компании што вработуваат илјадници лица. За кровната капа која ќе ги собира гасовите, на Макстил му требаат околу 12 милиони евра.
„Ако владата навистина сака да им помогне на компаниите, наместо одложување на роковите за еколошки дозволи, зошто не понуди евтини кредити и даночни олеснувања за загадувачите, наместо одложување на еколошките дозволи“, прашува Александра Бујаровска од невладината Фронт 21/42.
Izjava Aleksandra Bujarovska1 by Radio Mof on Mixcloud
Како што изјавија за Радио МОФ од Државниот Инспекторат во Министерството за животна средина, летово управата на Макстил најавила дека нема да работи. Следното рестартирање на фабриката, според нивните информации се планира во септември.
Во меѓувреме, во Министерството си прибираат мислењата од сите надлежните институции во врска побараното одложување за поставување филтри. Сите документи и мислења потоа одат во Владата која ќе треба да одлучи, дали ќе го дозволи загадувањето уште пет години.
Јасмина Јакимова