Железница со иницијатива за воведување возови на секои два часа од Скопје кон Тетово, Куманово и Велес

Железници на РСМ-Транспорт покрена иницијатива за воведување на патнички возови на релациите Скопје-Тетово, Скопје-Куманово и Скопје-Велес на секои два часа во текот на денот. Ваквата иницијатива е доставена до Владата на РСМ на почетокот на годинава, а предлогот на раководството на Железници е да се набават минимум 10 нови возови, и тоа 6 дизел моторни гарнитури и 4 електро моторни гарнитури за поврзување на Скопје со околните градови, јавува „Мета“.

„Наш предлог е да се разгледа можноста, средствата да се обезбедат преку заем од меѓународни финансиски институции или користење на средства преку Инструментот за претпристапна помош ИПА III, за периодот 2021-2027 година, Прозорец 3Зелена агенда и одржлива поврзаностПостапката за набавка, од распишување на тендер до воведување на возните средства во сообраќај, трае околу 2- 3 години“, информираат за „Мета.мк“ од Железници на РСМ-Транспорт.

Во објавената иницијатива на Железници на РСМ-Транспорт, се наведува дека возовите од Скопје за Тетово, Куманово и Велес би поаѓале секојдневно во 7, 9, 11, 13, 15, 17, 19 и 22 часот, односно од Тетово, Куманово и Велес би сообраќале во 6, 8, 10, 12, 14, 16, 18, 20 и 21 часот или со некој сличен возен ред, којшто на патниците би им обезбедил патнички железнички превоз во било кој дел од едно деноноќие.

„Железничкиот патнички возен парк денес е во лоша состојба, а од друга страна пак кај граѓаните на РСМ навиката т.е. традицијата да се патува со воз е се помалку присутна и покрај многуте бенефиции што ги нуди железничкиот патнички сообраќај. Затоа, целта на оваа Иницијатива е отпочнување на овој пилот-проект, кој има на среднорочен период за цел – витализацијата на патничкиот железнички сообраќај на територијата на целата Република, т.е. отпочнување на период за подобрување на состојбата со железничките патнички услуги“, се наведува во Иницијативата на железничкото претпријатие упатена до извршната власт.

Во иницијативата се наведува дека новите патнички возови кои би се вовеле меѓу Скопје и околните градови би довеле да се намали бројот на возила – автомобили и автобуси во главниот град, со што би се намалил метежот низ улиците, загадувањето и времето на патување низ Скопје. Од Железници во иницијатива објаснуваат дека цената на билетите меѓу Скопје и околните градови Велес, Куманово и Тетово е пониска во железничкиот превоз во споредба со автобускиот транспорт.

Од претпријатието посочуваат дека повратен билет кон Тетово со воз чини 192 денари, додека за автобус треба да се платат од 240 до 300 денари. Доколку патникот има месечен билет за работници на истата релација, патувањето со воз кон Тетово би го чинело 113 денари, додека со месечен билет за ученици едно повратно патување меѓу Скопје и Тетово чини 96 денари.

Од Железници на РСМ-Транспорт за „Мета.мк“ велат дека една дводелна патничка гарнитура со еден мотор би чинела околу 2 милиони евра, а вкупната сума што би била потребна за да се воведе ваквиот патничкиот превоз би била околу 20 милиони евра. Притоа, тие бараат и намалување на надоместокот за користење на железничката инфраструктура што се плаќа кон Јавното претпријатие за железничка инфраструктура, поради потребата од рекламирање и презентирање на новите патнички возови меѓу граѓаните.

Во иницијатива се наведува дека ќе бидат потребни финансиски средства за воспоставување и техничко инвестиционо одржување на сите попатни железнички станици и стојалишта на пругите Скопје-Велес, Скопје-Тетово и Скопје-Куманово. Притоа, за Куманово се предвидува возовите да сообраќаат до стојалиштето Перо Чичо на идната пруга Куманово-Крива Паланка, со што ќе им се овозможи железнички превоз на граѓаните од центарот на Куманово до скопското централно подрачје.

Идните современи возови што ги задоволуваат еколошките норми и стандарди по воведувањето кон околните градови околу Скопје, во иднина би можело да се прошират и на релацијата кон Гостивар, при што ако се покаже пилот-проектот како успешен, би се вовел редовен, безбеден и евтин железнички превоз и на целата пруга од Скопје до Кичево.

Инаку, 2021 година во Европската Унија е прогласена за година на железничкиот сообраќај, а главната причина за ваквиот потег на европските лидери е фактот дека возовите се најеколошкото средство за масовен превоз на патници. Според податоците на Европската Комисија, железницата има најмал удел во емисијата на стакленички гасови во атмосферата, кои се главната причина за порастот на просечната температура на Земјината топка. Поради тоа што се најзелениот транспорт заедно со велосипедите, ЕУ работи многу за железницата да постане транспортна опција за Европејците.

Мета