Железничкиот транспорт за младите повторно да биде бесплатен, бараат студентските организации

Универзитетските студентски собранија (УСС) во земјава бараат Владата да го врати бесплатниот превоз со воз за студентите и младите во земјава, којшто беше укинат со почетокот на ковид-19 пандемијата во март 2020 година, јавува „Мета“.

Пред пандемијата, сите млади лица до 27 години имаа право на користење на бесплатни железнички билети за патување со патничките возови на било која дестинација, и тоа секој прв и трет викенд во месецот. Дополнително, студентите имаа право на бесплатно патување со воз секој четврток, додека учениците од средните училишта во земјава можеа бесплатно да патуваат со воз секоја среда.

Ева Цветковска, претседателка на Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) за Мета.мк вели дека неразумно и апсурдно е да се отворени дискотеките, додека студентите да немаат право на бесплатен превоз со воз под изговор на корона вирусот. Таа додава дека чекаат разврска на моменталната политичка драма во земјава за да ги одмерат идните чекори што ќе ги преземат.

„На 12-ти јули 2021 одржавме состанок со Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, каде го презентиравме нашето барање и ја образложивме нашата идеја, но за жал одговорот беше дека за годината 2021 ребалансот на буџетот е веќе одминат, но дека ќе не имаат во предвид при изготвувањето на буџетот за 2022“, вели претседателката на УСС на УКИМ.

Предлогот на УСС на УКИМ веќе испратен како барање до Министерството за транспорт и врски е враќањето на бесплатниот превоз со воз на студентите да биде за секој викенд, за разлика од досегашното правило, според кое секој четврток и секој втор викенд беа бесплатни.

„На овој начин 4-те бесплатни четвртоци во текот на еден месец се распределуваат во 2 дополнителни викенди кои до сега не биле бесплатни, односно студентите добиваат право на бесплатен превоз со воз секој викенд во месецот. На овој начин финансискиот товар на институцијата останува непроменет, а за студентите ова решение е од големо значење со оглед на тоа што бесплатните билети во четврток често остануваа неискористени заради предавањата кои ги имаат во петок“, објаснува претседателката на УСС на УКИМ Ева Цветковска.

Таа потенцира дека воведувањето на бесплатен превоз за студентите секој викенд ќе го стимулира железничкиот превоз во земјава, додека државата ќе покаже дека се грижи за студентите. Студентите се наоѓаат во незавидна финансиска состојба како субјекти, кои за да го задржат правото на редовен студент, не смеат да се вработат, па така не можат да си го дозволат луксузот постојано да плаќаат билети за превоз.

Инаку, тековната академска година на УКИМ се одвива со комбинирана настава за студентите. Повеќето факултети на овој универзитет одржуваат онлајн настава со студентите, додека вежбите се одржуваат со физичко присуство. Самите професори одлучуваат дали испитите ќе се спроведуваат онлајн или со физичко присуство. Слично на УКИМ, и на Државниот Универзитет во Тетово има комбинирана настава во изминатава година. На Универзитетот на Југоисточна Европа има настава со физичко присуство, но и опција студентите да ги следат предавањата онлајн.

Во однос на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, досегашниот претседател на Универзитетското студентско собрание Мирко Наџаков за Мета.мк објаснува дека на нивните факултети наставата се одржува онлајн, така што засега не се обратиле до надлежните власти за повторно воведување на бесплатните билети за патување со воз за студентите.

„УСС УГД стои на став дека додека предавањата се онлајн нема да бараме дополнително оптеретување на буџетот, но доколку студентите се вратат во клупите секако дека ќе побараме  враќање на мерката“, вели Мирко Наџаков.

За тоа кога ќе се вратат бесплатните билети за патување со воз официјални информации побаравме и од државната компанија што го врши превозот – Железници на РСМ-Транспорт, но Мета.мк во изминативе 10 дена не доби одговор на прашањето кога ќе може студентите и младите лица да патуваат повторно бесплатно со воз, иако тие од државата и годинава добиваат субвенции за покривање на трошоците за организирање на патничкиот железнички сообраќај од страна на Министерството за транспорт и врски.

Мета