Шпански судија во Малага, Андалузија, одлучи дека разведена жена треба да биде компензирана со сума од над 200.000 евра за неплатената домашна работа и нега за време на нејзиниот 25 годишен брак, пренесува „Euronews“.
Според одлуката, жената, која има 48 години, ги завршувала сите обврски околу одржувањето на домот, но и семејниот бизнис, каде се занимавала со чистење.
Разведениот пар, има две ќерки, а бракот бил регулиран со режим на поделба на имотот, кој прецизирал дека што и да заработила секоја страна е само нивно.
Во тужбата се барало признавање на таквиот надомест, бидејќи жената „била лишена од секаква можна кариера поради нејзината ексклузивна посветеност на домот и семејството“. Спротивно на тоа, мажот „во текот на годините на бракот го акумулирал и експоненцијално го зголемувал својот имот“.