По повод меѓународниот ден на Жената, 8-ми март, во Скопје Сити Мол е поставена првата вонмузејска поставка на артефакти, носии и инсталации за жената во Македонија. Поставката е работена во соработка со Археолошкиот Музеј на Македонија, Музеј на македонската борба и Ансамбл Македонија.
Ова експо за прв пат, на едно место со голема синергија ќе ја прикаже жената во Македонија во вид на патување низ времето. Македонската жена е претставена преку 8 археолошки експонати насловени како „Праисториските дами од Македонија” кои датираат од 6-тиот милениум п.н.е. (среден неолит), па сè до средината на 4-тиот милениум п.н.е. (крајот на енеолитот).
Во поставката, на 6 историски инфо-табли е претставена „Жената борец за државност и самостојност”, жена која била бунтовник, револуционер и пред сè борец, а ќе има и 5 експонати кои ја отсликуваат македонската жена низ фолклорот, преку артефакти кои го достигнале врвот на својата убавина, грациозност и доминантност во 20-тиот век, а се вбројувани во носии од највисок ранг во светски размери.
Во рамките на отворањето, со цел доближување на жената низ етнолошка призма поблиску до скопската публика, Ансамблот Македонија изведе музички перформанс.