Швајцарскиот кантон Женева ќе воведе минимална месечна плата од 4.086 швајцарски франци (скоро 3.800 евра), откако локалните жители ја изгласаа оваа мерка на референдум.
Со ова покачување, ваквата минимална плата би требало да биде највисока во светот, а одлуката била донесена на предлог на синдикатите и левичарските партии откако се покачила сиромаштијата во кантонот.
Според локалните медиуми, мерката била донесена бидејќи економијата на Женева зависи од туристичките и бизнис посети. Токму овој сектор е меѓу најпогодените од пандемијата со коронавирусот, што довело до граѓаните да почнат да чекаат во редици пред народните кујни.
„Ковид-19 покажа дека одредени делови од швајцарското население не можат да живеат во Женева. 4.000 франци се минимумот за да не се падне под прагот на сиромаштијата и да се најдете во тешка ситуација“, рекол Мишел Шара, претседател на независна организација на работници.
Шара посочил дека од минималната плата ќе имаат корист 30.000 ниско платени работници, од кои две третини се жени.
Претходно, предлогот за воведување на минимална плата бил на два пати одбиен од локалното население. Во 2011 и 2014 година.
Минималната плата по час ќе изнесува околу 20 евра, што е скоро двојно повеќе од соседна Франција.
За покачувањето на минималната плата гласале преку 58% од гласачите на референдумот. А новата мерка стапува на сила од 17 октомври.