Во телевизиски серии во Авганистан повеќе нема да има жени откако тие добија забрана да се појавуваат во вакви медиумски производи, според новите правила воведени од талибанската власт.
Истовремено жените новинарки и ТВ презентерки ќе мораат да носат шамии на главата кога ќе се појавуваат на екраните.
Авганистанските телевизии досега претежно емитуваа странски серии со жени во главните улоги.
Член на организацијата која ги застапува новинарите во Авганистан, Хуџатула Муџадеди, изјави дека новите рестрикции се неочекувани.
Тој за Би-Би-Си вели дека новите правила не биле практични, и доколку стапат на сила многу телевизии ќе мораат да згаснат.
Последните одлуки, кои беа објавени на авганистанските телевизиски канали, воведуваат осум нови правила. Се забрануваат филмови кои се сметаат за спротивставени на принципите на шеријатското или исламското право и авганистанските вредности, а исто така не се дозволени снимки на мажи кои откриваат интимни делови од телото. Забранети се и комичните и забавните шоуа кои ја навредуваат религијата или се сметаат навредливи за Авганистанците. Истовремено нема да се емитуваат ниту странски филмови кои промовираат странски културни вредности.
Талибанците ја освоија власта во Авганистан во средината на август и голем број граѓани се плашат дека тие постепено ги заоструваат рестрикциите.
Милитантната исламистичка група. која ја презеде контролата на земјата по заминувањето на војниците на САД и сојузниците, веднаш воведоа правила младите жени да не одат на училиште.
За време на нивната претходна власт во 1990-тите жените имаа забрана за школување и работа.
Новата одлука, со која на девојчињата и младите жени им се забрани одење на училиште, го направи Авганистан единствената држава во светот каде половина од популацијата има забрана за образование.
Градоначалникот на главниот град Кабул, пак, на жените вработени во локалната самоуправа им порачал да не одат на работа освен во случај ако нивните работни задачи не можат да бидат завршени од маж.
Талибанците тврдат дека рестрикциите на жените за работа и едукација се само „привремени“ и се воведени само за да се осигураат дека сите работни места и образовни установи ќе бидат „безбедни“ за нив.