Жените доминираа на Берлинале – Филмот „Алкарас“ ја освои Златната мечка

Шпанската драма „Алкарас“ ја освои Златната мечка на Берлинскиот филмски фестивал, пренесува Гардијан. Две од трите награди за најдобар филм им припаднаа на филмови од режисерки, додека двете актерски награди, кои се родово неутрални, ги зедоа жени, како и наградата за најдобар режисер.

„Алкарас“, во режија на Карла Симон, ја доби главната награда на фестивалот. Се работи за драма сместена во каталонските села, која ги следи тешкотиите на едно фармерско семејство откако нивниот земјопоседник ќе одлучи да ги замени нивните праски со соларни панели. Тоа е втор филмски проект на Симон, по добро прифатениот „Лето 1993 година“, објавен во 2017 година.

Наградата од жирито за третото место ја доби реномираната мексиканска драма „Облека од скапоцени камења“, дебитантски филм на режисерката Наталија Лопез Галардо. Втората награда ја понесе јужнокорејскиот режисер Хонг Санг-Со, со „Филм на романсиерот“.

Берлин воведе родово неутрални актерски награди во 2021 година и, како и претходно, и двете им припаднаа на жените. Најдобра главна изведба ја освои Мелтем Каптан за нејзината улога на мајка која се бори со американскиот правосуден систем за да го ослободи нејзиниот син од заливот Гвантанамо во „Рабије Курназ против Џорџ Буш“, додека најдобра споредна улога ја доби Лаура Басуки за нејзината улога во индонезиска драма „Нана“.

„Рабије Курназ против Џорџ Буш“, исто така, ја доби наградата за најдобро сценарио за Лајла Штилер, додека француската режисерка-ветеран Клер Денис ја освои наградата за најдобар режисер за „Оган (Или двете страни на сечилото)“, нејзиниот нов филм, со Жулиет Бинош во главната улога.

Додека фестивалот во 2021 година беше целосно виртуелен, во 2022 година беа организирани настани со физичко присуство, придржувајќи се до локалните ковид мерки.

Целата листа на победници е достапна на следниот ЛИНК.