Жените прават помалку грешки и имаат подобра ментална агилност за време на нивниот менструален циклус, иако тоа можеби е периодот кога се чувствуваат најлошо, покажува нова студија, пишува „Гадријан“.
Истражувањето, спроведено од Институтот за спорт, вежби и здравје открива дека времето на реакција на жените, точноста и вниманието на деталите се изострени додека менструираат, што ги предизвикува актуелните хипотези за тоа како жените спортуваат за време на нивниот менструален циклус.
Во студијата се клучени податоци од 241 луѓе, меѓу кои 96 мажи и 47 жени кои немаат редовна менструација поради контрацепција. Учесниците извршувале серија когнитивни тестови на оддалеченост од две недели.
Учесниците исто така воделе евиденција и за различни расположенија и пополнувале прашалник според нивните симптоми, додека апликациите на следење на менструалниот циклус биле користени за да се одреди во која фаза од циклусот биле кога ги направиле тестовите. Тестовите ги опфатиле времето на реакција, вниманието и способноста за поврзување со визуелни информации и исчекувањето кога нешто може да се случи, а биле дизајнирани да симулираат ментален процес низ кој поминува еден човек додека спортува.
Резултатите покажале дека нема групна разлика во времето на реакција меѓу машките и женските учесници, но жените кои редовно добиваат менструација имале подобри резултати додека менструираат споредено со која било друга фаза од циклусот, со тоа што покажале побрзо време на реакција и правеле помалку грешки на тестовите. Ваквите резултати доаѓаат и покрај тоа што учесничките пријавиле дека се чувствуваат полошо додека менструираат, верувајќи дека тоа ќе влијае негативно на нивните резултати.
Доктор Фламиниа Ронка, водечкиот автор на студијата изјави дека откритието дека жените имаат подобри резултати кога менструираат е „изненадувачко“ и дека ова може да придонесе за промена на начинот на кој се гледаат перформансите на спортистките во однос на нивниот менструален циклус.
Професорот Пол Бурџис, еден од авторите на студијата истакна дека идејата за вакво истражување им дошла откако разговарале со фудбалерки и нивните тренери.
„Создадовме когнитивни тестови за да се обидеме да ги имитираме барањата на мозокот во моментите од натпреварот кога тие ни кажуваа дека повредите и ненавременото реагирање е поради менстуралниот циклус. Според она што ни го кажаа фудбалерките, податоците покажаа дека жените кои менструираат, независно дали се спортистки или не, имаат тенденција да се разликуваат во нивните перформанси во различни фази од циклусот. Како невронаучник, јас сум фасциниран како ние досега не знаеме повеќе околу ова и се надевам дека нашата студија ќе помогне да се зголеми интересот за овој витален аспект од спортската медицина“, изјави Бурџис.