По само шест месеци, Ромките од Шуто Оризари повторно се оставени без матичен гинеколог откако досегашната ординација од денес е затворена бидејќи докторот заминува во пензија.
Од Иницијативата на жени од Шуто Оризари на Фејсбук реагираат дека сексуалното и репродуктивното здравје на жените од оваа Општина повторно е ставено во ризик.
„Апелираме и ги повикуваме надлежите институции, Министертво за здравство веднаш и итно да изнајдат долготрајно решение за матичен гинеколог за жените од Шуто Оризари. Потсетуваме само во последниот период од шест месеци, две Ромки-родилки починаа за време на породувањето“, велат од Иницијативата.
Проблемот со матичен гинеколог во Шуто Оризари трае повеќе од една деценија, откако здравствените власти неуспешно се обидуваат да воспостават трајно решение.
Во Шуто Оризари преку 8 илјади жени во репродуктивен период. Изминативе години беа одржани повеќе протести и перформанси поради овој проблем со кои се соочуваат, додека жените постојано сведочеа дека се соочуваат со случаи на дискриминација, нелегална наплата, нередовни контроли и големи трошоци во обезбедување на гинеколошки услуги.