Нова научна студија го доведува во прашање долгогодишното мислење дека жените живеат подолго од мажите.
Во истражување, кое опфатило период од два века низ речиси сите држави во светот и на сите континенти заклучокот е дека иако мажите имаат помал очекуван животен век од спротивниот пол, тие сепак имаат значителна шанса да ги надживеат.
Студијата ја спровеле дански научници, а е објавена во списанието „BMJ Open“. Тие анализирале податоци за животниот век на мажите и жените низ 199 земји од светот и утврдиле дека мажите имаат поголема веројатност да ги надживеат жените, особено оние кои се во брак или имаат високо образование.
Анализата исто така открила дека во развиените држави веројатноста мажите да ги надживеат жените паѓала до 1970-тите години, по што постепено започнала повторно да се зголемува меѓу целото население. Подемот и падот во разликата на очекуваниот животен век главно се должи на пушењето и други разлики во однесувањето.
„Слепо интерпретирање на разликите во очекуваниот животен век понекогаш може да води до искривени перцепции за вистинските нееднаквости во животниот век. Иако очекуваниот животен век на мажите е генерално понизок од оној на жените и смртноста на мажите е вообичаено повисока во сите возрасни групи, мажите сепак имаат значителна шанса да ги надживеат жените. Овие сознанија го оспоруваат општиот впечаток дека мажите не живеат долго колку жените и открива посуптилни нееднаквости во животниот век меѓу мажите и жените“, велат авторите на студијата.
Според научниците подобри сознанија би можеле да се добијат доколку се анализира животниот век на двата пола во различни држави.