Женски ден со „Прво па женско“ во МКЦ

Женски ден со „Прво па женско“ во МКЦПрво па женско“, иницијативата во организација на „Тииит!Инк“, која има за цел да поттикне одново промислување на значењето на 8-ми март – Меѓународниот ден на жената, се одржа во Младинскиот културен центар.

Со неколку работилници во „Женската соба“, изложба на фотографии, базар и филмска програма, повеќе граѓански организации, активисти и уметници, низ дискусија и креативна размена ќе се обидат да влијаат на подобрување на политиките кои се однесуваат на жената.

Јана Старделова од „Тииит!Инк“, за Радио МОФ вели дека  „Прво па женско“ е настан посветен на пошироката женска сфера која активно делува во земјава.

„Настанот ќе покаже една голема слика за тоа што прават жените во Македонија и останатите кои ги посветуваат своите дела на жените“, додава таа.

Izjava na Jana Stardelova by Radio Mof on Mixcloud

Марија Савовска, директорката на „Акција Здруженска“, една од организациите кои учествуваат на настанот, ја најави кампањата која започнува од утре, со која ќе се одбележи месецот на правата на жените, наместо само еден ден кога ова прашање добива внимание.

„Имаме цела низа пораки упатени до јавноста и се однесуваат на ограничените избори на црно-белиот свет во кој живееме и стереотипите за тоа што треба да бидат жените или мажите. Во текот на овој месец ќе имаме и „Здруженски весник“, во кој ќе ја информираме македонската јавност за слепилото на политиките кои не се во функција на еднаквоста и на правата на жените“, вели Савовска.

Izjava na Marija Savovska by Radio Mof on Mixcloud

Своја промоција на „Прво па женско“ имаше и ЛезФем, неформална група формирана во склоп на ЛГБТИ Центарот за поддршка .

Борјана Мојсовска и Ирена Цветковиќ од оваа група за Радио МОФ велат дека нивна цел е зголемување на видливоста и политичката релевантност  на лезбејскиот и феминистичкиот активизам, преку понуда на свежи стратегии на отпор кон доминантните идеолошки концепти на патријархатот, хетеронормативноста, шовинизмот и национализмот.

Izjava na Borjana Mojsovska i Irena Cvetkovik – LezFem by Radio Mof on Mixcloud

Во попладневните часови, посетителите на „Прво па женско“ можеа да го пробаат „Вкусот на машкиот ручек“ , кулинарски перформанс на Давид Ангелевски, Влатко Деловски и Артан Садику и да уживаат во Матине концертот на бендот June а вечерта забавата продолжува со концерт на српската група Репетитор.

К.О.