Утре во 19 часот во Кино Култура, Дебатното кино Контра Кадар организира проекција на филмот „3 жени“, на Роберт Алтман, претставникот на независниот филм во ерата на „Новиот Холивуд“.
3 Women (3 Жени) се смета за едно од најзначајните дела на режисерот, кое во 1977 година од познатиот филмски критичар Роџер Еберт е прогласено за филм на годината.
Организаторите велат дека делото зрачи со својата човечност, но исто така и со својот немир. Тоа е една вознемирувачка приказна за три жени чија психа е многу слична кои само како одделно да егзистираат во оваа димензија, а на повисоко ниво се поврзани меѓусебе.
„Алтман ги забледува линиите помеѓу она што го гледаме и она што е. Ние не се чувствуваме на моменти удобно кога гледаме како целата приказна оди кон трагични расплети, но самата несигурност во она што го гледаме ни дава надеж дека таму некаде, над оваа свест, тоа е наменето да функционира така“, стои во најавата на проекцијата.
Како и сите претходни проекции на Контра Кадар, филмот е наменет за развивање дискусија помеѓу присутните на темите кои ги презентира. Влезот за сите заинтересирани е слободен.