Иницијативата Зелен Хуман Град (ЗХГ) информира дека без политизирања и длабоки негодувања, на Советот на Град Скопје биле прифатени 19-те предлози од првото граѓанско климатско собрание на Скопје организирано од @ZIP Institute.
На тоа собрание, во 6 наврати 65 случајно избрани граѓани работеа на предлози за намалување на аерозагадувањето кон централната и локалната власт, со фокус на енергетика, јавно здравје и транспорт. Односно, имаше предлози за имплементирање на системска хигиена по улиците, за распространето урбано зеленило, зголемување на велосипедските патеки, изградба на пречистителна станица за комунални отпадни води, потоа за поставување на мерни инструменти за субјектите кои поседуваат А и Б дозволи, промена на системот на наплата на парно греење, за субвенции за греење…
„Предлозите се прекрасни, и претставуваат вистински чин на директна демократија каде граѓаните учат за овој горлив проблем од експерти, и заедно изнаоѓаат решенија за истиот. Токму еден од тие експерти беше и нашиот член Горјан Јовановски, кој денес ја бранеше иницијативата на седницата во советот“, соопштуваат од Зелен Хуман Град.
Од таму посочуваат дека следен чекор е Град Скопје да изработи предлог-одлука по истите, и да објасни како ќе ги имплементира, во кој рок и со кои средства.
„Зелен Хуман Град и скопјани остануваат фокусирани во борбата против аерозагадувањето и во лето кога најмалце ни е на ум овој горлив проблем. Се гордееме со сите граѓани, експерти и организатори што успеаа ваква историска одлука да донесат и усвојат пред советот! Браво Скопје!“, се вели во соопштението на ЗХГ.