Две недели по протестот што ЗХГ го организираше поради нефункционалноста на институциите и нивниот молк околу хаваријата во Тораница и три недели откако побаравме одговори од Државниот инспекторат за животна средина, тие го игнорираат нашето барање упатено до нив и до денес не ни даваат одговор на поставените прашања, реагираат од граѓанската иницијатива Зелен Хуман Град (ЗХГ).
Целата реакција ја пренесуваме интегрално:
„Наместо одговори, слушаме ‘не сме ние надлежни’, читаме одговори на прашања поставени до комплетно друга институција и ни кажуваат да ги слушаме јавните изјави на директорката на ДИЖС во кои таа во суштина не кажува ништо посебно, освен што јавно признава дека инспекторатот постапил незаконски со неземање мостри на денот на хаваријата зашто ‘се гледало дека има хаварија, не требало таа со мостри да се докажува’.
Поднесовме жалба до Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер и ако во рокот од 15 дена не ги добиеме одговорите што ги бараме, инсистираме на казна за службеното лице за слободен пристап до информации од јавен карактер од ДИЖС.
Уште еднаш јавно ги прашуваме ДИЖС:
. Ги бараме сите акти од инспекциски надзор (вклучително записниците, не само решенијата) спроведен во БУЛМАК 2016 ДООЕЛ Пробиштип подружница Рудник Тораница, Крива Паланка во изминатите 10 години.
. Зошто при извршениот инспекциски надзор во март 2025 г. не се земени мостри за анализа според одредбите од Законот за инспекциски надзор?
. Зошто ДИЖС нема ни објавено оглас за јавна набавка на лабораториски услуги за испитување на вода, воздух, отпад и др. за 2025 година?
. Зошто не е користена Централната лабораторија на МЖСПП која веќе има 11 акредитирани методи за испитување на квалитет на вода?
. Каква одговорност ќе сноси/ат инспекторот/ите вклучени во надзорот, како и директорката на ДИЖС со оглед на тоа што се направени големи пропусти во работењето и со тоа се загрозени здравјето и животот на граѓаните?
. Дали ДИЖС ќе побара и ќе отпочне постапки за кривична одговорност за своите вработени кои несовесно работеле и/или ја злоупотребиле службената положба?
Неказнивоста, прикривањето криминал и крајната некомпетентност на лица на функции нè чинат животи! Ќе продолжиме да им дозволуваме?“, стои во реакцијата на Зелен Хуман Град, кои објавија и документи.