Годишен буџет со 46% намалени ставки за заштита на животна средина кога 5.600 луѓе во Македонија годишно умираат од загаден воздух и буџет без точно кои средства за кои проекти ќе се користат – ние одбиваме, велат од Зелен Хуман Град (ЗХГ).
Граѓанската иницијатива вели дека Буџетот е круцијален документ кој мора да се носи во соработка со граѓаните и со советниците кои ги претставуваат нив.
„Тоа што ние сега го добиваме е документ изработен без никакво наше учество. За целото ова време додека најважниот документ за скопјани се составуваше зад затворени врати, на градските сектори им беше забрането директно да комуницираат со нас. Зошто ЗХГ одлучи да не поднесува амандмани, туку во целост да го одбие овој штетен буџет? Затоа што од изгласаните амандмани ниту еден до сега не бил комплетиран, а поголем дел од нив никогаш ни започнати (буџет 2021: 27 поднесени, 1 прифатен, 0 остварени; буџет 2022: 33 поднесени, 5 прифатени, 0 остварени; 2023 година: 13 поднесени, 4 прифатени, 0 остварени)“, соопштуваат од иницијативата која има два советници во Град Скопје.
Овој пат, велат тие, одбиваат да се радуваат на поднесени и изгласани амандмани, кои нема да бидат повторно спроведени од градската администрација. Одбиваме да ги разочараат граѓаните кои им ја дале нивната поддршка надевајќи се на решение на најголемиот проблем на Скопје.
„ЗХГ нема да го гласа овој буџет и неговите програми, додека не: Се организира средба помеѓу секторите, градоначалничката и сите советници, и буџетот биде заеднички составен. Се добие т.н. ‘описен дел’ од буџетот каде што се гледа точно колку средства се планирани за секој проект поединечно. Се дозволи директна соработка со секторите, без потреба од присуство или зелено светло од градоначалник (нешто што ни следува според деловник). Се комплетираат проектите започнати со амандмани од претходните 2 години. Се вклучат во буџет бројни и ефективни мерки за намалување на аерозагадувањето според барањата на ЗХГ“, бараат од ЗХГ.
Можеби се само 2 совеници од 45, но, велат тие, застапуваат 10.000 скопјани кои гласаа за Зелен Хуман Град.
„Тие, и сите останати заслужуваат преку директна демократија да учествуваат во креирање на буџетот на сопствениот град. Скопје заслужува да дише чист воздух!“, стои во соопштението.