Посветеност во борбата против корупција, координативно тело од експерти, концепт на ГУП темелен на знаење, креирање визија за долгорочен развој, ограничување на густината на населеност и утврдување на на границите на ГУП врз основа на анализи за поширокиот простор низ изработка на Просторен план на Скопскиот регион.
Ова се дел од заклучоците, а воедно и јавни барања до Град Скопје на иницијативата Зелен хуман град (ЗХГ) и учесниците на дебатата „Нов ГУП за зелено и хумано Скопје“.
Сите заклучоци и барања до Град Скопје ги пренесуваме интегрално:
- За да се одразат потребите на скопјани за квалитетно урбано живеење, да се заштитат животната средина, здравјето на луѓето, биолошката разновидност и климата, односно да се создаде отпорност на ризици од катастрофи, неопходно е да се обезбедат следните предуслови:
- Посветеност на носителите на одлуки (политичари) за обезбедување на јавниот интерес и борбата против корупцијата;
- Воспоставување солидна институционална поддршка за спроведување инклузивен и транспарентен процес во рана фаза (пред усвојувањето на планската програма на ГУП) преку формирање на мултидисциплинарно партиципативно / координативно тело или Совет на засегнати страни што ќе ја преземе одговорноста за постигнување на зацртаните цели на ГУП и ќе ја минимизира улогата на политичкото и бизнис лобирањето и мора да добие доволно ресурси и јасен мандат за да може да изврши соодветно влијание врз планските решенија во клучните фази од процесот;
- Координативното тело ќе лоцира поширок тим од експерти (во кој е задолжително да се вклучат архитекти / урбанисти, геолози и хидрогеолози, градежни, земјотресни, хидро, шумарски, машински и сообраќајни инженери, енергетичари, хидрометеоролози, биолози, лекари, правници, економисти, социолози, психолози, дефектолози, комуниколози, програмери и други клучни експерти) кој би работел на опсежни студии за различните сектори;
- Концептот на новиот ГУП да се темели на знаење за потребите на скопјани, за да може Градот да постигне соодветен договор со граѓаните за користење на ресурсите и просторот на одржлив начин. Проекциите за идниот демографски, економски, социјален и еколошки развој да се прават врз основа на ажурен нов попис на домаќинства, станови и економски субјекти, попис на зеленило, попис на образовни, културни, сообраќајни и секакви инфраструктури, активни јавни простори, детски игралишта, т.е. – добра и квалитетна податочна основа со точна геолокација и повеќе релевантни атрибути (по примерот на Софија) за правење анализи во ГИС;
- Креирање визија за долгорочен развој на градот (пред усвојувањето на планската програма), како резултат на податоци што ќе се засноваат не само на официјална статистика, туку ќе се собираат по пат на анкети, работилници и фокус групи и со користење современи паметни технологии и алатки базирани на географски информациски системи (ГИС);
- Да се ограничи густината на населеност и бројот на станови и да се најде правна форма да се почитуваат овие параметри. Покрај квантитативните, да се воспостават и квалитативни еколошки параметри (безбедност, осончување, придонес кон загадување на воздухот, создавање термички острови, придонес кон поплави, оптоварување на инфраструктурата, создавање бучава, итн.);
- Утврдување на границата на ГУП врз основа на анализи за поширокиот простор низ изработка на Просторен план на Скопскиот регион. Со создавање на новата граница на ГУП да се спречи неконтролирано ширење на градот на југ (кон падините на Водно) и север (на земјоделско земјиште кон северната обиколница), а истовремено да се земе предвид дневната миграција на жителите на периферните населби во градот;
- Земање предвид на реалните (измерени и моделирани) сообраќајни движења, бариерите, односно поврзаноста помеѓу населбите и функциите; приспособување на сообраќајната мрежа на потребите и безбедноста на пешаците, велосипедистите, родителите со колички и лицата со попреченост; обезбедување пристапност за амбулантни и противпожарни возила; создавање пешачки зони и оптимизирање на линиите на јавниот транспорт, издвојување на движењето на автобусите од останатиот сообраќај во посебни сообраќајни ленти; соодветно решавање на крстосниците за безбеден премин на пешаците и овозможување приоритетен транзит за јавниот транспорт; забавување на сообраќајот во сензитивните зони; изнесување на транзитниот сообраќај и возилата на граѓаните што не живеат во Скопје надвор од центарот на градот;
- Примена на концептот на „консолидирани соседства“, во кои на жителите ќе им бидат достапни сите функции на пешачка дистанца од 15 минути; да се анализираат новосоздадените градски средишта и нивната улога во развојот, но и во создавањето на урбан метеж;
- Воспоставување зелена инфраструктура како мрежа на зелени површини, коридори и дрвореди, за зголемување на отпорноста на градот кон климатската криза и ризиците од катастрофи; заштита на Водно, Парк-шумата Гази Баба, Расадник, како и на коридорите покрај реките Вадар, Треска, Серава, Лепенец и Маркова Река; зачувување и резервирање на сите празни простори за развивање на зеленило;
- Обезбедување доволно повеќенаменски јавни простори;
- Ревитализација на напуштени простори (индустриски објекти и стоваришта, културни домови, спортски објекти и слично), за во нив да се ангажираат стартап претприемачите, младите, ранливите граѓани и независните културни работници и уметници;
- Соодветен третман и заштита на културното наследство; поврзување на одделните добра и целини во соодветни концепциски решенија со кои нема да се наруши нивниот интегритет и визури; забрана за расцепкување помеѓу повеќе урбани четврти на важни споменици на културното наследство (на пример Турската чаршија е расцепкана низ повеќе урбани четврти, што значи изработка на повеќе ДУП-ови и нарушување на интегритетот на ова добро);
- Забрана за воведување и функционирање на „линиските центри“, коишто претставуваат упад во урбанистичкото планирање.
- За да се спроведе соодветен процес на изработка на новиот ГУП и да се постигнат наведените предуслови, до Градот Скопје ги доставуваме следните барања:
- Итно да се формира соодветно тело од стручни лица и засегнати страни, во кое ќе се вклучат и меѓународни експерти и планерски организации / институти, и слично. Телото во првите три месеци да утврди Акциски план за изработка на ГУП-от што ќе го усвои Советот на Градот Скопје, како обврска за спроведување од страна на АПП кој ќе содржи:
- Инклузивен и транспарентен План за комуникација, со особен акцент на вклучување на граѓаните во процесот на собирање податоци преку различни алатки за crowdsourcing: анкети, фокус групи, работилници и обуки (вклучително и обуки за градоначалниците на општините во Градот Скопје, советниците и вработените во секторите за урбанистичко планирање);
- Опсег на секторските студии, кои, покрај другото, е задолжително да ги покријат аспектите на животната средина и климата, урбаното зеленило, управувањето со отпад;
- Можности за отворање меѓународни конкурси за изработка на одделни секторски студии и концепциски решенија;
- Нови технологии што ќе се користат и ќе се наведат задолжителни профили / струки што мора да се обезбедат во изработката на ГУП-от;
- Анализа на квантитативни и квалитативни параметри за одржлив развој на градот, што во подоцнежна фаза ќе се финализираат низ призмата на собраните информации и податоци (и врз основа на утврдениот еколошки капацитет на просторот), низ широк партиципативен процес;
Б. Во првите 6 месеци, телото да ги споведе следните активности:
- Анализа на пречките за ревитализација на напуштените простори за истите да може да се пренаменат во јавни и повеќенаменски простори и предлози за нивно надминување;
- Анализа на правните и институционалните пречки за спроведување на ГУП – от на локално ниво и предлози за нивно надминување;
- Анализа на важечките ДУП-ови (особено во сензитивни области, како на пример Водно) и секаде кадешто постои сомнеж за сторена корупција или неусогласеност со ГУП, да достави претставки до надлежните органи;
- Анализа за спроведување на ГУП за различни области (на пример стандарди за оформување и управување со јавни простори, стандарди за планирање и проектирање велосипедска инфраструктура и сл.) и за различни чинители;
- План за одржливо финансирање на општините и Градот Скопје, за надминување на зависноста на полнењето на буџетот со приходи од комуналии.
В. Во текот на овие 6 месеци, да се организира и спроведе серија тематски работилници за различни целни групи со цел подигање на свеста на стручната и општата јавност за значењето на ГУП и тоа:
- Работилница за креирање визија за градот Скопје (гости од Софија);
- Работилница за воспоставување одржлива мобилност во Скопје (гости од Софија);
- Работилница за одредување на еколошкиот капацитет на Скопје;
- Работилница за развивање на зелената инфраструктура во Скопје;
- Работилница за заштита на животната средина и климата и управување со ризици од катастрофи;
- Работилница за управување со отпадот во Скопје;
- Работилница за урбана социологија со акцент на локалниот економски развој, образование, спорт, култура;
- Работилница за културниот идентитет на Скопје;
- Работилница за правните пречки, форми на изигрување на законот и ГУП-от на локално ниво и создавање овозможувачки алатки за спроведување на ГУП;
- Работилница за одржливо финансирање на општините.