Хуманитарната криза во сириската провинција Источна Гута, која се уште е под контрола на бунтовниците, се влошува, додека луѓето ги напуштаат своите домови во ситуација која се опишува како „повеќе од критична“, пренесува ББЦ.
Сириската војска го зголемува притисокот на неколку фронта во обид да ја добие контролата врз енклавата, која е блиску до главниот град Дамаск. Сириската опсерваторија за човекови права соопштува дека владините сили зазеле 10 проценти од територијата.
Хуманитарната помош на Обединетите Нации не успеала да влезе во Источна Гута, а од организацијата изјавиле дека не успеале да добијат дозвола од сириските служби за 40 камиони наменети за помош на жителите во градот Дума.
„Колективна казна врз цивилите, едноставно е неприфатливо“, стои во соопштението на ОН.
Во енклавата опколени од војската и под бомбардирање се наоѓаат 393.000 луѓе.
Ниту петчасовното секојдневно примирје договорено помеѓу Русија и Сирија, ниту целосно примирје побарано од Советот за безбедност на ОН не довело до хуманитарна заштита на луѓето во енклавата.
Сириските воени власти велат дека се обидуваат да го ослободат регионот, како едно од последните упоришта на бунтовниците, но истовремено се обвинети за таргетирање на цивили.
Во борбите кои започнаа од 18-ти февруари, загинале најмалку 650 лица, повеќе од 150 од нив деца.