Веќе 2 месеци Сали Имер од Шуто Оризари не може да најде матичен лекар во својата општина. Проблемот се јавил откако се затворила амбулантата „Шкупи“ на влезот на населбата. Речиси истовремено, се пензионира уште една матична лекарка во која со децении работела во просториите на поликлиниката „Шуто Оризари“.
Како пациент кој преживеал мозочен удар, Имер сега има проблем да најде лекови, но уште поисплашен е бидејќи може да му биде укинат надоместокот од околу 4.000 денари кои ги зема од државата за туѓа нега. Документите треба да се поднесат во јануари, а неопходен му е упат од матичен лекар.
Ова е единствениот приход од кое се издржува неговото семејство, вели тој. Не прима социјална помош. Во малата куќарка во Шуто Оризари живее со својата сопруга и двајцата синови, еден на 17, вториот на 19-годишна возраст.
„Во амбулантата „Шкупи“ докторките беа најдобри, многу бев задоволен. Ама кога затворија, никој не сака да ме прими“, раскажува Имер за неговото патешествие со наоѓањето матичен лекар во општината.
За него не е избор да патува подалеку за да најде матичен. Тешко се движи, а пари за такси или автобус, едноставно нема.
„Како да давам по 500 денари само за да одам на лекар. Не е можно“, вели Имер.
Ваквите приказни не се новина за Салија Бекир Халим, од „Иницијативата на жени од Шуто Оризари“, преку која се обидуваат да им помогнат на своите сограѓани полесно да се снајдат во здравствените лавиринти. Ама проблемот со наоѓање матичен лекар и за нив е сериозен проблем. Како што објаснува Бекир, принудени се буквално да ги молат лекарите да ги прифатат пациентите. Но некогаш, додава, како во случајот со Имер, и тоа не помага.
„Пробавме и засега не успеавме. Ама нема да се откажеме“, децидна е Бекир Халим.
Некогаш активистите од Иницијативата сами ги придружуваат луѓето на кои им треба матичен лекар до амбулантите. Кога не можат физички да стигнат, им лепат жолти стикери на книшките со молба да бидат прифатени од докторите.
„Сигурно се работи за 1.000 пациенти кои беа дел од регистарот. Во моментов овие пациенти се оставени сами на себе, односно да се снаоѓаат како можат. Дел од пациентите се корисници на терапија која константно ја земаат, со хронични заболувања на кои им се потребни редовни прегледи и контроли. Тие се обраќаат кај нас бидејќи сами не можат да најдат. Докторите поради пренатрупаност со пациенти ги одбиваат со изговор дека имаат премногу пациенти. Со дел од нив ние сме придружба, и практично на добра волја се оставени“, раскажува активистката.
15 лекари на повеќе од 22.000 пациенти
Во Шуто Оризари, според последниот попис од 2002 година живеат нешто над 22.000 жители, во најголем дел Роми. Но во реалноста, оваа бројка е многу поголема. Како што забележуваат и од самата Општина Шуто Оризари, според неофицијални податоци овде има околу 35.000 жители. Во шифрарникот на лекари, како дел од мрежата за примарна здравствена заштита што работи со Фондот за здравство во оваа општина се впишани само еден гинеколог, ниту еден педијатар, 5 стоматолози и 14 лекари по општа медицина кои можат да бидат избрани за матични. Поради немањето педијатри, дел од матичните лекари работат само со деца, појаснуваат од „Иницијативата на жени“.
„Последните два месеца е посебно изразен проблемот. Бидејќи еден викенд останавме и без дежурен лекар, заедницата беше во очај“, вели Бекир Халим.
Како што стои во последниот извештај на Фондот за здравствено осигурување, во текот на 2018 година, примарна здравствена заштита на осигурениците на ниво на држава обезбедуваа вкупно 1.549 општи матични лекари. Во споредба со претходната година, бројот на општите матични лекари е намален за 28 лекари. Во 2018 година склучени се вкупно 1.055 договори во примарната здравствена заштита за општа медицина или за 33 помалку од годината претходно.
Според д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседателка на „Здружението на приватни лекари на Република Македонија“, младите лекари веќе не се мотивирани да останат во примарното здравство и да работат како матични лекари.
„Порано беше атрактивно и заради тоа беа останати 1.500 матични, па дојдовме до бројка до 1.800, сега сме паднати на 1.633. И веќе имаме тенденција на бројот на намалување на матични, а тоа не е добро, бидејќи сметам дека ние сме најдостапните за нашите пациенти. Крајно време е Министерството и Фондот да направат нешто со кое повторно примарното здравство, кое е најдостапно и е столб на целиот здравствен систем, да биде стабилен и да не пука на сите страни“, вели Чолакова Дервишова.
Со цел да се подобри состојбата на матичните лекари тие излегоа и на протести. Преговорите резултираа со покажување на капитацијата за докторите кои работат со Фондот. Но, тоа не е доволно, смета претседателката на ЗПЛРМ.
„Сите ние делуваме како ургентни центри, дали добил инфаркт, дали добил мозочен, дали се нафрлал, било што да е, прво сите одат кај матичниот. И сметам дека мора да е достапен и мора државата да го обезбеди во секој регион. Но за да го направите тоа, треба да ги платите докторите. Не може, една капитација која е осмислена во 2001 година, а сега сме 2019 година, капитацијата тогаш беше 45, сега ќе биде 63 денари од октомври, а ќе ни ја исплатат во јануари. Значи има една дискриминација кон примарното здравство, која што не е во ред“, револтирана е Чолакова Дервишова.
Според неа, за да се подобри примарното здравство, треба да се почне од тазе дипломираните лекари.
„Мора да имаме систем на функционирање во државата. Тоа значи: секој кога ќе заврши, три години прво да работи примарно здравство. Тоа е еден систем од Југославија кој беше добар и квалитетен. Вака, со директно нудење на секој завршен студент, без ден пракса, да оди директно на специјализација, или со 6 месеци, како што сега даде министерот, на вакцинации и брза помош, сметам дека прво е малку, второ повторно е нецелосен предлогот. Треба (лекарите н.з.) да практицирааат една општа амбуланта каде би се судриле со целата медицина, каде ќе се соочат со секакви дијагнози и патологии“, предлага Чолакова Дервишова.
Државата, вели, мора да најде модел за да си ги опслужи и пациентите во Шуто Оризари.
„Само кога ќе имате задоволни доктори, ќе имате задоволни пациенти“, додава таа.
Ограничен пристап до здравствена заштита за пациентите во Шуто Оризари
Фадил Џемаил веќе две децении работи во невладиниот сектор во Шуто Оризари, со фокус на пристапот до здравствена заштита на неговите сограѓани. Како дел од „Иницијативата за развој и инклузија на заедниците“, тој не е изненаден за проблемот со достапноста на матичните лекари во неговата општина.
„Општина Шуто Оризари на докторите им е како казнено-поправен дом, затоа што сите мислат ако дојдат да работат тука, дека се казнети. Матичните доаѓаат на почеток на кариера, се учат, а поквалитетните доктори веднаш наоѓаат работа во други средини и си одат“, вели тој.
Забележува дека оние доктори што се задржале подолго, откако ќе заминат во пензија, веќе нема кој да ги замени.
„Ние сме се обраќале до Здравствен дом, до Министерство за здравство, да донесат доктори, реагиравме и со дописи и барање. Но, секогаш одговорот бил дека во државата имало недостиг на доктори и медицински персонал“, вели Џемаил.
Додава дека редовно добиваат поплаки од граѓаните кои не знаат дека нивниот лекар заминал во пензија, ниту пак знаат кој им е матичен и како да го одберат. За да биде достапна, смета дека е неопходно примарната здравствена заштита да биде блиску до граѓаните.
„Нашето население е сиромашно, не можат да патуваат до Бутел, Чаир и други општини. Така ќе се намали и пристапот до здравствени услуги и ќе има дополнителни препреки. Едвај и тука доаѓаат. И кога им препишуваат лекови, не секогаш можат да си ги купат“, додава тој.
Радио МОФ побара информации од Министерството за здравство за проблемот со матични лекари во Шуто Оризари. До објавувањето на текстот, не добивме одговор.
Затворен пунктот на ФЗОМ во Шуто Оризари
Место приближување на пристапот до здравствена заштита, со затворањето на пункот на Фондот за здравствено осигурување во Шуто Оризари, државата го отежна ова право. Пунктот, во кој секој граѓанин го регулира своето здравствено осигурување беше затворен летово. Сега граѓаните мора да патуваат до пунктовите во Чаир или Центар.
„Тоа е огромен проблем бидејќи се оставени овие луѓе да мора да се снајдат. Имаат потешкотија при пополнување на здравствените обрасци кои се потребни. На дел од нив ние тука им ги пополнуваме, или помагаат ромските здравствени медијатори. Меѓутоа, најчесто ќе отидат сами до Центар, кај Југодрво и таму се случуваат манипулации. Ги оставаат сами да ги пополнат обрасците, не знаат, а надвор има луѓе кои им бараат по 50 денари за тоа. Најчесто или ги оставаат тие обрасци, или се враќаат тука да им ги пополниме “, раскажува Бекир Халим.
Од Фондот за здравствено осигурување велат дека пунктот го затвориле бидејќи нивната анализа покажала дека услуга побарале премалку пациенти. Не најавуваат повторно отворање.
Ромите со најкраток животен век
Истражувањата покажуваат Ромите се во понеповолна здравствена состојба во однос на останатото население. Имаат повисока стапка на појава на хронични заболувања, но и за 10 години пократок животен век од останатото население. Истовремено се соочуваат со сиромаштија и низа бариери во однос на пристапот до здравствените услуги.
„Многу Роми, немале можност самостојно да изберат матичен доктор, туку при приватизацијата на примарната здравствена заштита, нивните здравствени картони по случаен избор биле доделени на матичните доктори. 45% мажи и 64% жени Роми страдаат од хронични заболувања. Од нив, дури 73% не се во можност да ги набават неопходните лекови за третман на овие заболувања“, потсетува Стратегијата за Ромите во Република Македонија 2014-2020 година.
Сали Имер од Шуто Оризари, како хронично болен пациент кој има потреба од лекови се надева дека ќе најде матичен лекар во својата општина. Деновиве повторно ќе оди кај ромските активисти. Уште еднаш заедно ќе ги замолат докторите да го примат за пациент.
Јасмина Јакимова