Жителите на Сиднеј со журка против законот кој забранува алкохол по три часот наутро

Илјадници жители на Сиднеј изминатиот викенд учествуваа во уличен протест и журка, противејќи се на законот со кој се забранува влезот на забави по 1.30 и купувањето алкохол по 3 часот наутро.

Протестот, кој се одржа под мотото „Reclaim The Streets“ („Да ги вратиме улиците“), вклучи диџеи, клабери и љубители на денс музиката, кои бараат укинување на ткн „CBD entertainment precinct“ закон.

Граѓаните маршираа со мобилни звучници низ подрачјето во кое се наоѓаат редица ноќни клубови. Локалните диџеи ја презедоа музичката програма на конечната дестинација, а полицијата остана да го обезбедува собирот до крајот на денот.

Законот, кој беше донесен во февруари годинава имаше цел да го намали насилството во градот поттикнато од алкохолот, но успеа само да предизвика гнев кај луѓето од денс-заедницата, дел од политичарите и други, кои сметаат дека ваков пропис е удар врз слободата, културата и работата на клубовите.

Од почетокот на годинава, насилството предизвикано од алкохолот е зголемено за 18 проценти во предградието Њутон, кое се наоѓа надвор од зоната на забраната. Повеќе мали клубови биле принудени да го затворат бизнисот, поради лошото влијание на овој закон врз нивната работа.