Жителите на Тафталиџе повторно начекаа багер, општината тврди дека се прави најавеното детско игралиште

„Повторно се обидуваат да го узурпираат паркот, овој пат праќајки само багер без никаква документација. Кога беа конфронтирани од граѓаните, работниците известија дека ги праќа господин чие име е Живко и е приврзаник на сегашниот градоначалник!“

Вака иницијативата Зелено Тафталиџе пред неколку часови преку социјалните мрежи повторно информираше за нови активности во паркот на улица „Букурешка“, во скопската населба Тафталиџе 1.

Паркот со лулашките стана симбол на локалниот отпор против идејата за изградба на зграда, на неколку пати жителите успееја да го одбранат од градежна механизација, а од почетокот на април општината најави негова реконструкција. Лулашките беа отстранети, багер направи нова земјена површина, но наместо нови реквизити од тогаш порасна нова трева.

Паркот летото го дочека без најавените лулашки, но и без најавената спорна зграда, чија маркица општинарите на неколку пати потенцираа дека е утврдена уште во 2003 година, а површината за градба не може да се поништи.

Сега од Општина Карпош за Радио МОФ потврдуваат дека се работи на детско игралиште, најдоцна готово за две недели. За димензиите велат ќе бидат 11 на 18 метри, иако на крајот на април информираа за потенцијален реконструиран простор од 15 на 20 метри.

„Ќе биде поставено со еколошки реквизити. Денеска и граѓаните на лице место прашуваа, на лице место им е објаснето. Според урбанистичкиот план се’ е уредно направено, месната заедница информирана, планот може да се види на увид. Просторот еден дел ќе биде озеленет, а за останатиот е предвидено игралиште. Не е никаков објект, туку урбана опрема. Значи дефитинивно се работи за детско игралиште, како едно од 54-те колку што ги имаме на територијата на Карпош. Малку подолу, на улица ‘Варшавска’ има направено исто такво“, велат од Одделението за односи со јавност на општина Карпош.

Б.Ш.