Жителите на Топаана се жалат на полициската бруталност

Жителите на Топаана се жалат на полициска бруталностДодека граѓаните молчат,  полициската бруталност ескалира, обвинуваат граѓанските здруженија и младите Роми кои реагираат на последните случувања во Топаана кога во полициска акција за приведување избеган затвореник, беа повредувани и невини луѓе. Во видеото снимено од безбедносните камери во дуќан во Топаана, за време на полициската акција пред два дена се гледа како полицаец  расчистува се пред себе додека приведува осомничен. Жителите на Тоапаана се исплашени, велат вакво нешто не смее да се дозволи.


Реагираа и дел од политичарите. Бараат итно да се направи внатрешна контрола и полицијата да престане да ги сокрива ваквите постапки.

Во полицискиот извештај пак работата е чиста. Полицајците барале затвореник, па откако биле нападнати од мештаните, приведени се неколкумина од нив. Приведените подоцна се пуштени од полиција, а надлежните најавија расчистување на случајот. Но граѓанските здруженија се сомневаат во ваквите искази. Велат во Шутка и Топаана, бројни се случаите каде што полицијата ги пречекорува своите овластувања.

Младите Роми уште еднаш потсетија на случаите со Трајан Бекиров, Мартин Нешковски, па и на акцијата на пазарот во Шутка,  каде како што посочуваат,  неконтролираните постапки на припадници од полицијата завршија трагично. Тие велат дека никој не го осудува приведувањето на затвореникот, но полицијата не смее притоа брутално да се изживува врз оние жители кои случајно се нашле во близина.

Непосредно по инцидентите,  жителите на Топаана со протест го искажаа своето незадоволство од односот на полицијата. Граѓанските здруженија пак најавуваат мобилизирање на своите активисти против полициската бруталност. Велат, овој случај мора да се испита, ако молчат македонските  институци, тогаш ќе се чуе нивниот глас на судот во Стразбур.