Вчера, со жив штит, во улога на „човечки столпчиња“ активистите од иницијативата „На Точак“, го прославија „Националниот ден на немање безбедна патека при градба”.
Со нивна помош, еден час им беше овозможено на минувачите, без разлика дали се пеш или на велосипед, да се чувствуваат безбедно додека заобиколуваат градежни зафати на две раскрсници, на бул. „Партизански Одреди“ и на бул. „Илинден“.
„Облечени со флуересцентни елечиња и со поставување на импровизиран дрвен слеан рабник на тротоарот, создадовме безбеден премин на велосипедстите во дел од крајната коловозна лента кој го заштитивме со нашите тела испраќајќи порака до надлежните дека негативната пракса на блокирање на патеките без да се понуди алтернатива за преминување на ваквите критични места е недозволива“, појаснуваат од иницијативата.
Тие бараат надлежните во Град Скопје да ја сфатат сериозно потребата и да овозможат непрекинато одвивање на пешачкиот и велосипедскиот сообраќај, наместо да го парализираат секогаш кога треба да се интервенира со градежни зафати.