Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) вчера одржа редовно изборно Собрание, на кое беа избрани новите раководни органи, а беа усвоени и измени и дополнувања во Статутот на Друштвото.
За претседател на Друштвото е избран Живко Грозданоски, а за членови на Управниот одбор се избрани: Зоран Анчевски, Виолета Танчева-Златева, Марина Мијаковска, Сузана В. Спасовска, Бранко Цветкоски и Димитар Пандев.
Избран е и Суд на честа, кој го сочинуваат: Лидија Капушевска-Дракулевска, Санде Стојчевски, Анастасија Ѓурчинова, Владимир Мартиновски и Славе Ѓорѓо Димоски.
„Раководството на ДПМ наскоро ќе ја одржи својата конститутивна седница, на која ќе биде избран и потпретседател на Друштвото“, соопштуваат од ДПМ.
Новоизбраниот претседател Живко Грозданоски, преку Фејсбук се заблагодари на членството на ДПМ за тоа што, вели тој, дефинитивно покажало и дека „сакаме да имаме Друштво, и какво Друштво сакаме да имаме“.
„И тоа да биде на сеопшта радост и оддишка. Сакам да им се заблагодарам и на сите оние што вака или онака (макар и со смешка) покажаа поддршка на ова долго патешествие што – колку неверојатно – завршува на ваков начин. (Секако, може да се рече „завршува“ само ако за миг се занемари тоа дека сè допрва треба да почне). Не можам да поверувам. Каква е оваа „грешка во системот“? Па нели сите институции се распаѓаат, нели сè оди во неповрат? Писателите денеска испратија силна порака до заедницата, и јас не можам да не верувам дека оваа приказна ќе биде инспирација и за други заедници, но пред сè за други индивидуи. Коренити промени *се* можни!
Сега останува да се работи. Јас сум подготвен да ги преземам сите чекори што се потребни за Друштвото да се консолидира, и да биде дом не само на писателите, туку и за читателите и јавноста воопшто, расадник на култура. Верувам дека заедно со членовите на Управниот одбор, кои се прекрасни личности, пред сè професионалци, а потоа и пријатели, ќе имаме убава соработка. „Најважно е да не се возгордее човек“, постојано си повторувам во себе.
Сега одам да одговорам на сите пораки и коментари со честитки, а од утре треба да се договара конститутивната седница. Тука, на крај, уште еднаш ми доаѓа в мисли насловот на онаа книга од Силвија Федеричи: “Reenchanting the commons”, или „Враќање на магијата на заедничкото“. Колку ми е драго денеска, и ќе ме држи ова, чувствувам, уште долго, долго време: каква приказна! Заедничкото, кое речиси не згина – триумфира!“, соопшти Грозданоски.