Климатската криза ја забрзува еволуцијата, принудувајќи ги животните да го менуваат својот облик со цел да се справат со забрзаниот пораст на температурите, покажува нова научна студија.
На пример, последниве 150 години дел од австралиските папагали имале зголемување на клуновите за дури 10%, стои во истражувањето објавено во списанието „Трендови во екологијата и еволуцијата“.
Сепак овие папагали не се единствените жртви на вжештената Планета. Неколку други видови птици во Северна Америка и Австралија имаат раст на нивните клунови, шумските глувци имаат поголеми уши, а некои лилјаци развиле поголем пар крила.
„Алармантно е што овие промени ги гледаме толку рано во климатската криза. Не знаеме дали тие ќе успеат да се прилагодат доколку кризата се влоши“, објаснува Сара Рајдинг, истражувачка во Дикин Универзитетот во Австралија, пренесува Ц-нет.
Овие поголеми делови од телото им помагаат на животните да се справат со топлото време бидејќи нудат поголем обем од кој се ослободува телесната топлина.
Иако еволуцијата се случува од почетокот на животот, Рајдинг стравува дека во моментов тоа се случува многу брзо.
„Ова зголемување не е секогаш видливо со голо око, но е значајно од функционален аспект. Не сакам поентата да биде – Ох, животните еволуираат како одговор на климатските промени, тоа значи дека ќе бидат добро – бидејќи тоа едноставно не е точно“, додава таа.
Според неа климатските промени се случуваат побрзо од било кога претходно. Рајдинг посочува дека доколку еден од десет членови на некој вид успеат да еволуираат и да ја преживеат топлата клима поради поголемите телесни делови, другите девет нема да живеат доволно за да ги пренесат своите гени на следната генерација.