Официјалната Фејсбук страна на францускиот град „Бич“ била блокирана по грешка од страна на алгоритамот на социјалната мрежа, пренесува „Euronews“. Малото градче со популација од 5.000 жители, се наоѓа близу до германската граница.
Градските власти на Бич секојдневно комуницираат со своите жители, токму преку социјални мрежи. Но, од 19 март годинава, Фејсбук страната на градот била блокирана без никакво објаснување.
Се претпоставило дека алгоритмите на Фејсбук го помешале името на градот со навредливиот термин на англиски јазик. Администраторите веднаш создале нова страна која ја именувале со поштенскиот код на градот за да ја продолжат комуникацијата со граѓаните.
„Официјалната страна беше блокирана од Фејсбук. Се пожаливме, но до овој момент страната е недостапна“, изјавиле жителите.
Портпаролката на малото градче. Валери Дего, за локалното радио истакнала дека првата жалба ја поднела на 19 март, но не добила никаков одговор.
„Се обидов да го контактирам Фејзбук на сите возможни начини, преку најразлични формулари, но не можам да преземам ништо повеќе“, изјавила Дего, додавајќи дека дури ни креирањето на првичната страна не бил лесен процес.
Од Фејсбук за „Еuronews“ потврдиле дека страната била блокирана поради неточна анализа на системот на платформата.
Од компанијата истакнале дека веднаш започнале со истрага на случајот. После неколку недели, страната на Бич повторно функционирала.
„Тимот на „Фејсбук Франција“ стапи во контакт со властите на градот Бич за да ги информира дека Фејсбук страната е повторно активирана“, истакнале оттаму.
Останатите градови од регионот, меѓу кои и Рорба лес Бич, исто така ги промениле своите имиња на социјалните мрежи.
Како што пренесува „Гардијан“, откако Фејсбук повторно ја активирал страната, се огласил и градоначалникот на Бич.
„Јас и моите драги сограѓани сакаме да упатиме скромна покана до господинот Зукерберг и претставникот на „Фејсбук Франција“ за посета на нашиот сакан град кој неколкупати се спасил од стегите на историјата. Заедно, може да ја обновиме меморијата за нашите патроти и американски пријатели кои под заедничко знаме дошле од Јужна Каролина за да го ослободат нашиот град, ослободители кои храбро се нарекувале себеси „Синови на Бич“ (Sons of Bitche) “, изјавил тој.