Жртви поради снежното невреме што ги зафати САД

Најмалку пет лица загинаа во снежното невреме што зафати голем дел од Соединетите американски држави (САД). Седум американски држави прогласија вонредна состојба – Мериленд, Вирџинија, Западна Вирџинија, Канзас, Мисури, Кентаки и Арканзас, пренесува Ал Џазира Балканс.

Повеќе од 2.300 летови беа откажани, а речиси 9.000 беа одложени поради екстремните временски услови. Повеќе од 200.000 луѓе синоќа останаа без струја низ државите погодени од невремето.

Националната метеоролошка служба соопшти дека денеска се очекува снег и лапавица да падне низ поголемиот дел од североисточниот дел на САД.

Во Вашингтон падна меѓу 13 и 23 сантиметри снег, додека делови од Мериленд и Вирџинија забележаа до 30 сантиметри.

Најмалку 365 лица имаа сообраќајни несреќи во Мисури во неделата поради невремето, неколку лица беа повредени, а најмалку едно лице загина.

Во соседниот Канзас, една од најтешко погодените држави, според локалните медиуми, две лица загинале во сообраќајна несреќа за време на невремето.

Тело било пронајдено вчера во Хјустон пред автобуска станица, соопштија властите.