„Стара нова година во дух на солидарност и размена!“.
Вака Социјалниот центар „Дуња“ го најавува настанот на 13 јануари, кога до 17 до 19 часот ќе се одржи размена на зимска облека и додатоци: палта, џемпери, туники, панталони, јакни, капути, шалови, ракавици, капи, греачи, балаклави, чизми.
„Правила за учество: Носиш неколку парчиња зимска облека и модни додатоци кои веќе не ти се потребни. Секое парче мора да биде во уредна, чиста и употреблива состојба. Ги оставаш во соодветните категории во просторијата. Ги разгледуваш парчињата од останатите учесници, си муабетиш со чај, кафе и топол напиток. Можеш да земеш нешто иако не си донел/а ништо. Нема ограничување во бројот на земени парчиња“, стои во објавата на СЦ „Дуња“.
Од Центарот потсетуваат дека настанот не е од донаторски карактер и дека оставањето кеси облека за донација нема да биде прифатено.