На 11 и 12 ноември со почеток во 20 часот, во Кафе и кино „Котур“, ќе се одржат проекции на два филмови во рамки на програмскиот сегмент „Зимски МакеДокс“.
На програмата се документарните филмови „Акаса, нашиот дом“ (Романија, Германија, Финска / 2019 / 86’) на режисерот Раду Чорничук и „Нема да исчезнеме“ (Украина, Франција, Полска / 2023 / 100’) на Алиса Коваленко.
Филмот „Акаса, нашиот дом“ носи трогателна и внимателно осмислена приказна за гентрификацијата, видена низ очите на семејство кое се обидува да се приспособи на нов наметнат живот. Цели дваесет години семејството Енаш – 9 деца со нивните родители – живеат во барака во букурешката делта: напуштен резервоар на вода, еден од најголемите урбани природни басени во светот, со езера и стотици видови животни и ретки растенија. Кога властите ќе решат да го земат овој екосистем под свое, семејството Енаш мора да се пресели во градот – реалност за која не знаат ама баш ништо. Деновите минати во природа сега ќе ги заменат денови на асфалт, пливањето во езерото ќе се замени со седење в клупа, а в раце наместо рибарски мрежи децата ќе држат мобилни телефони.
Трејлер: https://youtu.be/shm1iNvrJlQ?si=w6of5h1U7GY5bxCX
Документарниот филм „Нема да исчезнеме“ следи група тинејџери од Донбас, кои се на прагот на зрелоста и имаат сон да го освојат светот. Иако оддалеку татнат пукотници и експлозии, тие не губат надеж и, сепак, решаваат да го следат својот сон да патуваат, кој на крај се претвора во реалност.