Управниот одбор на Кинотеката на С. Македонија одлучи годишнешните лауреати „Златен објектив“ да ги додели на филмските и телевизиски монтажери Спасе Тасевски и Коле Манев.
По повод својот роденден на 29 април, Кинотеката секоја година го доделува „Златниот објектив“ на филмски работници кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија, велат од Кинотеката.
„’Златниот објектив’ се доделува во пролетниот период од годината, значаен за основањето на Кинотеката. Пригодните плакети и значки на Тасевски и Манев ќе им бидат врачени на манифестацијата ‘Златен објектив’ што ќе се одржи во Кинотеката по велигденските празници согласно протоколите“, додаваат оттаму.
Инаку, досегашни добитници на ова признание беа режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов и Кирил Ценевски, тонскиот снимател Глигор Паковски, аниматорот и карикатурист Дарко Марковиќ и директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков. Потоа, добитници на ваквото признание се и продуцентот Панта Мижимаков, филмскиот работник Коста Крпач, филмскиот критичар Илинденка Петрушева, монтажерот Димитар Грбевски и костимографот Елена Дончева.