Златко Ѓелески, „Видеологија“: Нема уметност без критика и нема критика без уметност

Над 40 филмски наслови досега се рецензирани преку „Видеологија“, јутјуб-емисија посветена на филмска критика. Златко Ѓелески е уредник, рецензент и наратор на епизодите, кои се критички анализирани преку збир од први впечатоци, илустрирани со подвижни слики.

Ѓелески е писател, филмски, книжевен и музички критичар. Водител е и на „Danse Macabre“ на култното „Канал 103“, а преку каналот „Видеологија“ за филмофилите носи поинаква „храна“ од актуелни остварувања. Во интервјуто за Радио МОФ зборува за својот производ, процесот на рецензирање, естетските вредности во кинематографијата, но и дека – нема уметност без критика и нема критика без уметност.

Зошто се одлучи на ваков поинаков, аудио-визуелен пристап на рецензирање? Има ли тука и едукативно-културолошки аспект, односно дали е ова нов начин на медијација за квалитетни филмови да стигнат до поширока демографија, со цел кај аудиториумот да „проработи“ креативен, уметнички сензибилитет?

„Видеологија“ се роди од потребата за воспоставување на врската помеѓу делата на филмските автори со исклучителна вредност и нивните потенцијални гледачи. Мојата цел како филмски критичар беше да ги истакнам потребните естетски вредности кои ги поседуваат овие дела и на најелоквентен начин да ги приложам на една платформа која ќе биде достапна на секоја демографија, како што е „јутјуб“.  Како што веќе соодветно заклучи, „Видеологија“ е тука да посочи, издвои, анализира, сподели и воспостави филтер низ кој ќе се прехрануваат желните љубители на филмот по изгледаните дела со критички осврт кој, на некој начин, ќе води дијалог со нивните ставови. Аудио-визуелниот пристап сметам дека е најсоодветен, затоа што не открива премногу од филмското дело и дозволува гледачот да ги пополни празнините помеѓу монтираните слики со својата имагинација.

Меѓу другите, на репертоар ти беа „The killing of a sacred deer“ на Лантимос, потоа „Mother!“на Арoнофски, домашниот омилен „Исцелител“, наградуваниот „The square, On body and soul“, „Phantom thread, Blade of the immortal“, „Insult, „120 BPMКако паѓа изборот за критика?

Со оглед на тоа што „Видеологија“ се емитува на неделна база, постои ограничувачки временски фактор во кој вршам селекција на филмови кои исполнуваат визуелни и наративни критериуми, поради кои се издвојуваат од останатите дела кои сум имал можност и да ги погледнам. Затоа и постои тој забавувачки, условно кажано „меродавен рејтинг“, со кој ги условувам актуелните дела (кои опфаќаат тековни превирања и парадигми), сметам дека важно е секој љубител на филмот да ги погледне. Од досегашниот избор може да се заклучи дека ниту еден жанр не е запоставен, се разбира, доколку има новитет од него за споделување.

Претходно пиша дека ќе се обидеш да допреш до универзалните вредности и мерила кон кои посегнува кинематографијата, додека филмските граници постојано бледнеат… Што значи ова низ призма на „Видеологија“?

Тоа значи дека со секое издание на емисијата се обидувам да излупам што е можно повеќе слоеви на филмското дело, да го контекстуализирам и да дојдам до неговата суштинска цел, намена, односно низа на пораки кои ги содржи во својата ДНК и се обидува да ги сподели со потенцијалните гледачи. Низ призмата на „Видеологија“ се отвораат многу прашања кои ги заговараат анализираните филмови, но исто така се посочуваат и естетските врвови кои ги допреле на техничко и семантичко ниво.

Торент, стрим, фестивал, редовна кино проекција… Како и каде наоѓаш време да гледаш филм пред рецензија?

На сите споменати начини. Преферирам да ги гледам филмовите на големите платна, но голем дел од нив не ни успеваат да стигнат до нив во нашата држава, па потрагата по нив станува детективски потфат. Македонските режисери можеби ми замеруваат за мојата настојчивост, но на секоја средба со нив им напоменувам дека откако ќе заврши филмот со неговата фестивалска и ТВ проекција, мора да стане достапен за јавноста. Ако не може гледачот да дојде до филмот ќе мора филмот да дојде до него.

Веќе нагласи дека неправедно се истиснува филмската критика од сите медиуми. Зошто е тоа така? Изоставуваат медиуми за критика, или филмска критика во медиуми?

Филмската критика ја дели судбината како музичката, театарската, ликовната и останатите критики во државата, затоа што, генерално, уметноста е изоставена од уредувачката политика на медиумите. Секако дека има медиуми на кои може таа да се пласира, но не ја добиваат масовната експонираност која ја заслужуваат. Приоритет добиваат други интереси, а како би имале држава со изградени личности кога нема дискусија за вредностите и значењето на уметноста?! За жал, актерите и режисерите не се филмски ѕвезди во државата, некој друг е.

Си размислувал ли „Видеологија“ да ја предложиш како концепт во некоја национална телевизија?

Тоа би била природна прогресија за „вдомување“ на емисијата на некој ТВ-канал, но моментално не гледам ниту услови, ниту можност за реализирање на тој проект. Би сакал емисијата да ги добие сите потребни метаморфози и адаптирања, но ниту едно не смее да биде по цена на нејзиниот квалитет, затоа што почитувањето на умствениот потенцијал на нејзиниот гледач е на прво место.

Кога сме веќе кај медиумите… Ти си дел од тимот на „Филм+“, месечник кој не успеа да опстои автономно, туку се издава во склоп на „Слободен печат“. Тежок ли е целиот процес за создавање вакво списание, во издавачка, културна, па и социјална смисла?

Значењето на магазинот за домашната филмска уметност и улогата во промовирање на филмскиот медиум е незаменлива. Секако дека е макотрпно создавањето и егзистирањето на ова списание, но сите рационални и ирационални пречки исчезнуваат кога ќе се напише првиот збор и како дел од екипата на магазинот можам само да потенцирам дека со огромно задоволство ги прифаќам предизвиците кои ги нуди секој мој работен ангажман во списaнието. Моментално е излезен летниот двоброј и продолжуваме со полна пареа од август.

Кинотека на Македонија неодамна доби признание од блогот „Spotted by locals“ – како едно од најдобрите арт-кина во Европа. Важна ли е улогата на ваквите простори за ширење на пораките на седмата уметност?

Секако дека е важна. Тоа е уште еден доказ дека уметноста знае да биде амбасадор на една држава. „Кинотека на Македонија“ има улога да го зачува и промовира филмското богатство на една држава, а самото признание е доказ дека успешно ја извршува својата функција за доближување на значењето и улогата на филмот во животот на еден човек. Секој филмски храм бара свои обожувачи. Многу филмови сум погледнал во нивната кино сала и многу ќе погледнам во иднина.

За крајот, да прашам, што е со независните филмови и автори во Македонија? Има ли плодна почва во земјава за независни остварувања, кои би биле поттик за сите – новинари, критичари, филмофили, уметници…?

Филмската уметност во Македонија секогаш нудела талентирани автори кои создавале дела кои до ден денес ги паметиме. Без разлика дали станува збор за кратка или долга форма, за играна, документаристика или анимација, авторите наоѓале начин да ги реализираат нивните зацртани идеи. Нивно е да ги комплетираат сизифовите маки за ко-финансирање на проектите, да останат истрајни до замислата за делото кое го реализираат, а на нам критичарите ни преостанува да ги анализираме нивните дела и да го дадеме нашиот суд, затоа што нема уметност без критика и нема критика без уметност.

Бојан Шашевски

——————-

Во продолжение дел од рецензиите на Ѓелески во „Видеологија“:

„The square“

„The killing of a sacred deer“

„Three Billboards Outside Ebbing, Missouri“

„Исцелител“

„120 BPM“

„Insult“