Еден од пет студенти, или вкупно 91 лице било во ситуација професори да им се обратат со несоодветен прекар како „девојче“, „злато“, „кукле“, „маче“. Само 5% од студентите велат дека пријавиле или знаат некој кој пријавил сексуално вознемирување, а приближно секој петти студент (18%) не пријавил сексуално вознемирување бидејќи не знаел каде може да го пријави.
Овие наоди се дел од истражувањето „Истражување за перцепции и искуства со сексуално вознемирување при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје“, кое беше презентирано вчера, а опфаќа 347 студенти од прв циклус студии на Универзитетот.
Еден од авторите на истражувањето, Ристо Савески посочува дека, за жал, ваквите досетки, прекари, шеги, во некои од академските средини на УКИМ, претставуваат секојдневие, за кои не постои механизам за заштита.
„Ваквите ситуации остануваат на личната мотивација на студентите да ги пријават. Меѓутоа тоа е дестимулирано поради комплицираната процедура на пријавување, а и искуствата на веќе пријавени случаи, кои се решавале зад затворени врати и имале непознат или никаков завршеток“, посочува Савески.
Тој истакнува дека истражувањето ја потврдило познатата импотентност на студентската заштита.
„Де јуре постојат факултетските собранија, студентските правобранители, постојат и етичкиот кодекс и можноста за пријавување на вознемирувањето. Меѓутоа во реалноста, тие механизми не функционираат. Самиот систем, функционира да ги штити сторителите на прекршоци, во било кој аспект, па и во аспект на сексуалното вознемирување“, вели тој.
Сексуалното вознемирување на студентските кампуси е тема обвиена со стигма, дел поради позициите на моќ, а дел поради недовербата во системот.
Савески истакнува дека настрана позициите на моќ, состојбата на терен е алармантна кога станува збор за игнорирањето на темата од страна на студентите.
„Сметаме дека дополнителна стигматизација на тема ‘сексуално вознемирување’ доаѓа и од непризнавањето на релевантноста на темата. Сѐ додека, сексуалното вознемирување се смета за табу тема, секоја студентска иницијатива која ќе произлезе од студентите, или нема да биде препознаена или ќе биде осудена, не подалеку од самите колеги“, дециден е авторот.
Кога минатата година Радио МОФ пишуваше за темата на сексуално вознемирување на студентските кампуси, ректорот Никола Јанкуловски како заштитен механизам го посочи Етичкиот кодекс. Сепак, истражувањето покажува дека Кодексот, како и останатите механизми кои постојат на хартија, не се познати ниту на студентите, ниту на професорите.
„Дури и ние, кога почнавме со истражувањето, се соочивме со голема небулоза околу механизмите. Тоа го потврдуваат и 88.5% од испитаниците, а и тоа е ставот на професорите кои ги интервјуиравме. Оттука, нешто што е непознато, не може да претставува добар механизам на заштита и да генерира чувство на безбедност во академската средина“, забележува Савески.
Студентите се чувствуваат небезбедно
Според истражувањето речиси деведесет проценти од анкетираните студенти не знаат каде може да пријават сексуално вознемирување што се случило на УКИМ.
Дополнително, повеќе од половина од испитаните студенти (52%), одговориле дека УКИМ „не ги штити“ и „воопшто не ги штити“ студентите од сексуално вознемирување.
Дури 57 % од студентките сметаат дека УКИМ воопшто не нуди заштита од сексуално
вознемирување, наспроти 33% од машките студенти.
Савески истакнува дека е потребно креирање на функционално и транспарентно тело како механизам за пријавување, но и обезбедување на поддршка и заштитни мерки за подносителот на жалбата.
„Потребно е кризно советување, психолошко советување, итни медицински услуги, пара-правни совети, како и мерки за ублажување на влијанието на сексуалното вознемирување на подносителот на жалбата“, вели тој.
УКИМ сè уште нема создадено онлајн катче за анонимно пријавување на сексуално насилство на факултетите во склоп на Универзитетот, а ситуацијата останува непроменета уште од минатата година.
Токму во 2021 година статусот беше помрднат од мртва точка. Поради случајот „Јавна соба“, Правниот факултет започна да нуди бесплатна правна помош, а тогашната студентска правобранителка и УСС при УКИМ отворија повик за анонимно пријавување на сексуалното насилство на универзитетските кампуси.
И професорите не се изоставени од сексуалното вознемирување
Две третини од професорите имале некакво искуство или биле сведоци на сексуално вознемирување на факултетот. Дел од нив споделиле лични искуства или сведоштва од сексуално вознемирување на студентските кампуси.
„Вербални досетки, најчесто сексистички, кои рутински се упатуваат кон девојки/ жени“, вели испитаник.
„Голем дел од професорите исто, укажаа на случаи на сексуално вознемирување, дали како студенти или како професори, од страна на надредени лица во академската средина. Проблемите би рекол се испреплетени, па оттука и решавањето на истите треба да е повеќестепено“, нагласува Савески.
Тој клучните проблеми ги лоцира во табуизирањето и нормализирањето на ваквите појави во академската средина.
И меѓустудентската комуникација полна со „црвени знаменца“
Речиси половина од студентите одговориле дека биле во ситуација во која биле кажувани сексуални шеги, или шеги што се темелат врз родови стереотипи од страна на колега/колешка.
Савески посочува дека и самите студенти не ја препознаваат релевантноста на темата.
„Кога лично го доставувавме прашалникот, наидовме на голем анимозитет и исмејување на темата на сексуално вознемирување, при што голем број на студенти, одбија да го пополнуваат прашалникот“, раскажува тој.
Според Савески, Факултетските студентски собранија се механизмите за меѓустудентска комуникација кои треба да бидат точка-контакт до сите студенти, но дополнува дека како истражувачи, наишле на нефункционален систем.
„Меѓутоа наидовме на многу нефункционален систем во двонасочната комуникација во рамки на собранијата. Унапредувањето на структурата на факултетските собранија и нивниот потенцијал за застапување и двонасочна комуникација со студентите, ќе помогне и во превенција, детекција и пријаување на случаи на сексуално вознемирување“, вели тој.
Како клучни проблеми, истражувачот и студент ги лоцира табуизирањето и нормализирањето на ваквите појави во академската средина.
„Стигматизацијата и двојната виктимизација на жртвите, поттикнува жртвите да го премолчуваат вознемирувањето кое го искусиле на своја кожа. Дефинитивно и моќта и позициите се еден од клучните проблеми“, смета тој.
Савески потенцира дека постојаното истакнување на темата, помага во подигање на свеста кај студентите и вработените на факултетите.
„Дел од студентите сметаат и дека УКИМ треба да преземе активности за превенција од сексуално вознемирување како: едукативни работилници и семинари на тема сексуално вознемирување за студенти но и за професори, како и континуиран надзор, инспекција и евалуација на работата на вработените“, заклучува тој.
Ивана Смилевска