Mинатата година во Македонија вкупно се регистрирани 18 напади на новинари, од кои 13 физички и вербални напади, додека останатите се навреди, попречување во работа и уништување на имотот, стои во Извештајот за слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Македонија за 2017 година.
Овој извештај денеска го презентираше Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), чиј претседател Насер Селмани нагласи дека лани новинарите беа уценувани, прогонувани, тепани, добиваа смртни закани, се прогласуваа за предавници итн.
„Насилниците физички и вербално ги напаѓаат новинарите затоа што сакаат да ги заплашат и замолкнат со цел јавноста да не дознае за злоупотребите на власта“, истакна тој.
Исто така, Селмани изрази загриженост што Обвинителството досега не покренало ниту едно обвинение пред судовите за насилство против новинарите и говор на омраза.
„Неказнети останаа и познатите тројки на ВМРО-ДПМНЕ, кои спроведуваа кампањи на навредување и заплашување на новинари“, истакна Селмани.
Покрај недостигот на безбедност во работата, дополни тој, новинарите во Македонија работат под исклучително лоши економски услови. Тие имаат мали и нередовни плати, а немаат ниту договори за трајно вработување кое негативно влијае на нивната професионална независност.
Во извештајот е евидентирано дека ниту во медиумското законодавство нема подобрување, бидејќи тоа не е целосно усогласено со најдобрите европски практики.
Инаку, презентираната публикација е изработена во рамки на проектот „Регионалната Платформа на западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и новинарската безбедност“.