ЗНМ бара итна истрага за запаленото возило на дописничката на СДК.МК

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) најостро го осудува инцидентот во кој, како што велат, беше запалено возилото на новинарката на Сакамдакажам.мк, Сузана Вренцовска, од Охрид.

„Возилото било запалено на 5 јануари 2025 година, во дворот на семејната куќа, во гаражата каде што било паркирано. Според првичните информации, постои сомнеж дека станува збор за намерно предизвикан акт. Го повикуваме Министерството за внатрешни работи да спроведе брза и темелна истрага за утврдување на сите детали и мотиви за овој тежок инцидент“, велат од ЗНМ.

Според нив, овој случај укажува на загрижувачки тренд на зголемени ризици со кои се соочуваат новинарите во земјава. Дополнително, додаваат дека ова не е изолиран инцидент.

„Во октомври 2024 година беше запалено и возилото на колегата Благој Серсемов, уредник на локалната телевизија и онлајн медиум М-нет од Штип. Иако мотивите за овие напади сè уште не се утврдени, важно е да се истакне дека ваквите инциденти, доколку немаат правна разрешница, може да создадат чувство на несигурност меѓу новинарите и да ја поткопаат нивната работа во служба на јавниот интерес“, посочуваат оттаму.

ЗНМ ги повикува надлежните институции да преземат итни и конкретни мерки за целосно расветлување на двата случаи, а истакнуваат дека сторителите мора да бидат идентификувани и соодветно санкционирани.

„Недозволиво е да постои неказнивост и да се создава простор за шпекулации во јавниот дискурс. Брзото дејствување е од клучно значење за зачувување на слободата на изразување и за спречување на самоцензура кај новинарите“, поентираат од Здружението.