Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) бара итна реакција за смртната закана упатена кон новинарот на ТВ Клан, Фуркан Салиу која денеска е објавена на социјалната мрежа Твитер.
Во твитер објавата стои ,,Посакувам залутан куршум од вчера да завршеше во главата на Фуркан Салиу”, што според ЗНМ претставува директен повик за убиство кон новинарот, со што се загрозува неговата безбедност.
„Оваа директна закана по животот на новинарот Салиу, ЗНМ ќе ја пријави до Министерството за внатрешни работи (МВР) и во исто време ќе инсистира на брза и ефикасна истрага во интерес на пронаоѓање и санкционирање на авторот или авторите на оваа закана. Укажуваме дека заканите по живот се кривични дела опфатени во Кривичниот законик за што е предвидена затворска казна за сторителите а МВР и ОЈО, треба веднаш да ги истражат и процесираат со цел да ги казнат оние кои го прекршуваат законот но и да превенираат евентуални вакви кривични дела во иднина. Новинарите кои известуваат за прашања од јавен интерес потребно е да бидат заштитени кога нивната безбедност е загрозена, бидејќи во спротивност се поттикнува цензура и дела од омраза кон медиумските работници“, додаваат од ЗНМ.